Влагата не прави разлика. Може да се појави во секој дом, од гарсоњера до голема вила. Животот во влажна средина е непријатно, и проследно со здравствени ризици.
Влагата доведува до појава на мувла, која може да предизвика назална конгестија или отежнато дишење, иритација на очите или кожата. Децата, постарите лица и луѓето со проблеми со кожата или дишните патишта се особено изложени на ризик при таложење на влага во домот. Затоа, доколку видите знаци на влага, најдобро е да се посветите на што поскоро решавање на проблемот.

Знаци за присуство на влага во вашиот дом

Непријатен мирис на мувла – Влажна соба има многу карактеристичен мирис. Штом ја отворите вратата и вдишите, веднаш ќе го почувствувате мирисот.

Темни дамки на ѕидот – Темните дамки на ѕидот се знаци дека имате влага во домот. Влагата се манифестира со промена на бојата на малтерот, предизвикана од влага во ѕидот.

Подигнување или лупење на бојата од ѕид, гипс, тапети – Доколку забележите дека тапетите се виткаат од ѕидот, веројатно тоа е предизвикано од внатрешна влага.

Ладни ѕидови – Ако вашите внатрешни ѕидови се екстремно ладни на допир, тоа може да биде знак за формирање на влага.

Прекумерна кондензација на прозорците – Највидлив знак за присуство на влага се „дождливите прозорци“, присуство на ситни капки вода на внатрешната страна од прозорецот.

Што предизвикува појава на влага?

Многу е важно прецизно да се одреди што точно е причината за појавата на влагата, бидејќи нашата желба не е само да ги отстраниме последиците, туку и да го спречиме повторно појавување на вишокот на влага, кондензација и мувла.

Влагата може да влезе во вашиот дом на неколку начини и тоа
Атмосферска влага – Дождот може да навлезе преку покривот што протекува, затнати или оштетени олуци, ѕидови што протекуваат и лошо запечатени врати и прозорци.

Капиларна влага – Ако влагата се појавува само на дното на ѕидот, а потоа се качува нагоре по ѕидот, ако просторија е на приземје или подрум, сето тоа навестува т.н. капиларна влага. Тоа главно се случува кај постарите згради каде што ѕидовите се поставени директно на земја па водата од земјата се „качува“ по капиларна патека. Може да се случи кај поновите згради кога има оштетување на хидроизолацијата.

Кондензирачка влага – Еден од најчестите форми на влага. Во воздухот постојано додаваме влага, не само со дишење, со готвење, сушење алишта и од домашните растенија. Влажноста во воздухот исто така може да предизвика проблеми ако предизвикува премногу кондензација. Влагата и кондензацијата во затворен простор најчесто се јавуваат во слабо термички изолирани простори кои не се често проветрени. Критичните места каде што се појавува роса – собирање на капки вода се аглите на просториите, бетонски греди и прозорските прагови.
Кондензација се јавува како последица на големата разлика помеѓу надворешната температура на ѕидот, особено во зима, и внатрешната температура во просторијата што се загрева.
Таа настанува кога топол и влажен воздух доаѓа во контакт со постудена површина. Топлиот воздух нагло се лади и има роса на ѕидните површини, а влажната и студената површина доведува до појава на мувла.

Кога еднаш ќе се појави мувла во вашиот стан тешко ќе можете да се ослободите од неа, затоа најдобро е да се спречи нејзиното настанување.
Сите оние што некогаш се соочиле со овој проблем и пробале да го одстранат, знаат колкав голем труд е потребно.

Како да не се појават црните флеки на ѕидовите?

За да не се случи тоа, треба да се обрне внимание на следните неколку работи:

Греење: Честите промени на температурата во просторијата поттикнуваат создавање на влага и мувла. Затоа редовно загревајте ги просториите. Температурата во дневната соба би требало да се движи меѓу 19 и 22°C, додека пак во спалната меѓу 17 и 18 °C.

Проветрување: За воздухот да може оптимално да кружи во собата проветрувајте ја неколку пати во текот на денот од 3 до 5 минути. Не проветрувајте по цел ден (пример во спалната) како во целост не би се изладиле ѕидовите.

Овозможете циркулација на воздухот: Мебелот би требало да стои на повеќе од 10 сантиметри од ѕидот.

Проветрување на бањата: Кога се туширате или бањате, чувајте ја вратата затворена, за водената пареа да не се шири низ станот. А потоа добро проветрете ја бањата.

Со боја против мувла: Најдобра боја за боење на ѕидовите во бањата, односно деловите кои што немаат плочки, и кујната каде што има најмногу испарување, е акрилната-латекс боја. Ѕидовите премачкани со ваков тип на боја се резистентни на мувла, бидејќи гумираната боја не пропушта влага.

Подобра топлинска изолација на објектот – Термофасада, за да не бидат ладни фасадните ѕидови.