Кајли Миног и Џејсон Донован се враќаат во австралиската сапуница „Соседи“, објавија продуцентите на популарната телевизиска серија.
Двете австралиски ѕвезди ја започнаа својата кариера во маратонскиот серијал, кој ќе престане да се емитува идниот месец, по 37 години.

Кајли и Џејсон се согласија да се појават во последната епизода.
Продуцентската куќа „Фримантл“ се обиде да ја „вдоми“ серијата во Британија, каде што со децении има култни следачи, откако Канал 5 објави дека повеќе нема да ја емитува, но, сепак, не успеа.

Пред да станат популарни во светски рамки, Миног и Донован глумеа телевизиска двојка во популарната сапуница и тајно беа пар и во реалниот живот. Таа романса заврши кога Кајли го запозна пејачот на „Инексес“, Мајкл Хаченс.
Возбудени сме што Џејсон и Кајли се согласија да играат посебна улога во финалето на серијата – објави извршниот продуцент на серијата Џејсон Хербисон.