Можно е „Прљаво казалиште“ во иднина да дејствува во поинаков состав од оној во претходните години, но такви измени имало и досега и не влијаеле врз работата и творештвото на групата. Ќе прославиме 45 години постоење, но во малку изменет состав, вели лидерот на групата, Хоура

Јасенко Хоура, лидерот на култниот хрватски бенд „Прљаво казалиште“, кој има многубројна публика во државите од цела поранешна Југославија, ги демантира гласините дека групата се распаѓа.
– Не, „Прљаво казалиште“ не се распаѓа. Ќе прославиме 45 години постоење, но во малку изменет состав – изјави деновиве Хоура.
Нештата се искомплицираа по караницата меѓу него и тапанарот Тихомир Филеш, кој му е и венчан кум, кој сакаше да ги присвои авторските права на песната „Херој улице“, која е авторско дело на Јасенко, како и на други нумери.

По повод овој настан, групата издаде и официјално соопштение до јавноста.
– Можно е „Прљаво казалиште“ во иднина да дејствува во поинаков состав од оној во претходните години, но такви измени имало и досега и не влијаеле врз работата и творештвото на групата. Напротив, Хоура и другите членови на бендот имаат намера наскоро со публиката да прослават 45 години на сцената. Според Хоура, изјавите на Филеш, објавени во медиумите, му прават само лоша реклама на „Казалиште“. Заканите со тужби се без основа, а Хоура во сите тие постапки ќе докаже кој е сржта на групата и кој го поседува правото за користењето на името. Ниту Тихомир Филеш ниту кој било друг е сопственик, зашто досега сите членови сѐ правеле заеднички. А што се однесува до авторските права, можеби некои песни се на негово име, без согласност од другите членови, или, пак, се самоиницијативно пренесени на негово име. Имено, тој ја искористил довербата на колегите од групата, кои биле ориентирани на други креативни задачи и сега се довел во позиција да управува со неа како со сопствен имот. И покрај тоа, Јасенко и колегите, во интерес на продолжување на работата на групата се подготвени на спогодба, за да може овој проблем да се реши на задоволство на сите членови на „Прљаво казалиште“ – се вели во официјалното соопштение до јавноста.
Во тој контекст, Хоура најави некои промени меѓу членовите и концерт на 11 јуни во Самобор.

Секојдневни проби и подготовки за концерт

Доказ дека сето ова е вистина е и информацијата дека членовите на „Казалиште“ секојдневно одржуваат проби и се подготвуваат за новите настапи, а се работи и на снимање нов албум, што треба да се појави во септември годинава.
– Ме прашуваат какво е чувството кога по две години пауза повторно свириме. Веројатно така се чувствуваат луѓето кога ќе излезат од затвор на слобода. Замислете правите нешто целиот свој живот и одеднаш ви ја одземаат таа можност. Цели две години седевме дома, гледавме филмови и серии. Не знаевме што да правиме со себе – изјави неодамна Хоура за хрватските медиуми.

Групата „Прљаво казалиште“ е создадена во 1977 година во загрепското предградие Дубрава, под силно влијание на панк-музиката. Името на бендот потекнува од една епизода од стрипот „Алан Форд“, кога членовите на дружината „Т.Н.Т.“ доаѓаат во „Валканиот театар“ (на хрватски „Прљаво казалиште“). Првиот состав го сочинувале: Јасенко Хоура (гитара, вокал), Зоран Цветковиќ (гитара), Даворин Боговиќ (вокал), Нинослав Храстек (бас) и Тихомир Филеш (тапани). Нивната прва авторска песна е „Мој отац је био у рату“, а првиот настап го имале во 1978 година.
Кога еден бенд трае 45 години, тој е неразделен дел од музичката историја, не само на Хрватска туку и на просторот на некогашна Југославија. Почнаа како панкери, па му се приклучија на новиот бран. Ја снимија легендарната ска-песна „Црно-бели свет“, а потоа со години пееја поп-хитови што се лепат за уво, чии стихови милиони луѓе ги знаат напамет и кои можат да ја разиграат и најзаспаната публика на концертите.

На сцена до последен здив

Кога пред неколку години во интервјуто за „Нова Македонија“ го прашавме Младен Бодалец, пејачот на „Прљаво казалиште“, кој е член на бендот од мај 1985 година, што е она што ги одржало како група сите овие години ни рече:
– Морате да признаете дека да опстанеш 40 и повеќе години на сцената е респектабилна бројка и во светски рамки. Има еден бенд што на сите ни е пример – „Ролингстонси“, кои се тркалаат многу подолго и кои сведочат дека луѓето што тргнале по патот на рокенролот немаат друг избор. Така е и со нас. Го живееме животот што го сакаме најмногу од сѐ и сакаме да трае долго, всушност никогаш да не престане. Кој еднаш ќе се качи на сцената, останува на неа до последниот здив. Таков е светот на музичарите. Основно е дека постои трајна љубов кон музиката и кон животот што таа ни го овозможува. Ние сме сосема свесни дека бендот ни донесе остварување на сите наши соништа и оти само заради него станавме тоа што сме денес. Се разбира, не смееме да ја заборавиме и поврзаноста со нашата публика. Ја имавме среќата нашите песни сите овие години лесно да го наоѓаат патот до срцата на луѓето и тоа е основната причина што од вечер во вечер се качуваме на бината на наше и на задоволство на сите што нѐ слушаат.

Го замени Даворин Боговиќ, кој и денес понекогаш настапува со „Казалиште“ и го нарекуваат пејач од сенка.
Една од тајните за долготрајноста и успешноста на групата се одличните текстови, кои ги допираат луѓето, а понекогаш песните се и мали автобиографии.
– Сѐ за што пее и свири „Прљаво казалиште“ во најголем дел е вистинска приказна, ситуација, настан што ни се случил на сите нас или барем се препознаваме во него. Тоа, според мене, е клучно за успех на некоја песна, ако луѓето можат да кажат – еј, тоа и мене ми се случило. А дали некоја девојка се вика Марина или Сања или некако поинаку, не е важно, но случката за која се зборува, емоцијата и убедливоста – тоа е она на што луѓето му веруваат или не му веруваат. Освен тоа, Јасенко Хоура, како автор речиси на сите наши песни, од своите први нумери, па сѐ до новите песни, што се наоѓаат на 15 студиски албуми, настојува да ги избегне баналноста и некои тривијални настани и теми. Тој од почетокот беше ангажиран автор и, се разбира, нема право да се откаже од тоа – ни рече Бодалец.

До корона-пандемијата, групата „Прљаво казалиште“ често гостуваше во нашата земја, а публиката уживаше во нејзините настапи и ги пееше хитовите: „Црно-бели свет“, „Не зови мама доктора“, „Зауставите земљу“, „Марина“, „Ми плешемо“, „С времена на време“, „Узалуд вам труд свирачи“, „Ружа Хрватска“, „Све је лако кад си млад“, „Херој улице“…. Искрено се надеваме дека наскоро членовите на групата ќе ги надминат сите проблеми и ќе го издадат новиот албум со работен наслов „Први бијег од куќе“, од кој исто така ќе останат незаборавни хитови.

М.Т.