Фото: Пиксабеј

„Достарлимаб“, кој се продава под брендот „Џемперли“, е имунотерапевтски лек кој се користи за лекување на рак на ендометриумот, но по спроведеното е истражување се покажало дека е ефикасен против тумор на ректумот. Раните резултати од една студија досега сугерираат дека терапијата е изненадувачки ефикасна, бидејќи се покажало дека секој пациент подложен на студијата е излекуван, објави „Сајанс алерт“.

-Верувам дека ова е прв пат да се случи вакво нешто во историјата на ракот – рече медицинскиот онколог Луис Дијаз Јуниор.

Студијата се уште е во тек, а позитивни резултати моментално се забележани кај 12 пациенти кои имале тумори со генетска мутација наречена MMRd. Пациентите со такви тумори обично помалку реагираат на хемотерапија и зрачење, што ја зголемува потребата за хируршко отстранување на нивните тумори.

– Стандардниот третман на ректален карцином со операција, зрачење и хемотерапија може да биде особено тежок за луѓето поради локацијата на туморот. Тие можат да страдаат од дисфункција на цревата и мочниот меур, што го менува животот, потоа од инконтиненција, неплодност, сексуална дисфункција и многу повеќе – изјави онкологот и автор на студијата, Андреа Церчек.

Во текот на студијата, пациентите го примале лекот на секои три недели во период од шест месеци. По шест месеци следење, сите 12 пациенти во студијата покажаа „целосен клинички одговор“, без докази за тумори кои можеа да се видат преку скенирање со МРИ, ПЕТ скенови, ендоскопија и биопсии, пишува „Сајанс алерт“. Објавено беше и дека приближно три четвртини од пациентите досега имале благи или умерени несакани ефекти, вклучувајќи осип, чешање, замор и гадење, но ракот не се вратил кај ниеден од нив.

– Д-р Церчек ми кажа дека тим од лекари ги прегледале моите тестови. Бидејќи не можеа да пронајдат никакви знаци на рак, д-р Церчек рече дека нема причина да ме тераат на терапија со зрачење – изјави Саша Рот, првиот пациент вклучен во студијата.

На крајот, студијата се очекува да вклучи околу 30 пациенти. Кога ќе има поцелосни податоци, со поголема сигурност ќе се утврди колку „достарлимаб“ е безбеден и ефикасен во лекувањето на пациенти со ректален карцином.

-Дотогаш, треба да ги третираме сегашните резултати со оптимизам и претпазливост – вели онкологот Хана К. Саноф од Универзитетот во Северна Каролина. Наодите се објавени во „Њу Ингланд џурнал од медисин“.