Италијанка Вијена Камарота (72), која пред неколку месеци тргна пеш од Венеција до Пекинг, деновиве помина низ Ниш. Таа е активна планинарка, членка на Горската служба за спасување и шампионка во кајак и често пешачи за да собере хуманитарна помош. На овој пат, долг 22.000 километри, тргнала за да испрати порака на оптимизам до сите жени, особено на оние на нејзини години.
– Мојата порака до жените е доколку навистина нешто одлучат, тие можат да ги остварат сите свои соништа и сите свои желби – изјави Камарота на приемот во Градското собрание на Ниш, пренесе агенцијата Танјуг.
Таа вели дека на патувањето, кое ќе трае до 2025 година, веќе ја прогласиле за амбасадорка на мирот, културата и историјата.

– Сакам да потсетам на Марко Поло и на Патот на свилата. Исто така сакам да потсетам на патиштата што ги граделе Старите Римјани. Можеме многу нешта да научиме доколку обрнуваме внимание на настаните што му претходеле на денешното време – изјави Камарота.
Како што додаде оваа храбра жена, досега нејзиното најдолго патување траело пет месеци и било од Чешка до Сицилија, но пешачела и во Израел, Палестина, Непал, Тибет, Мадагаскар, Патагонија и Амазонија.
За да стигне од Венеција до Србија, ги поминала пеш Словенија и Хрватска, а ќе патува до Кина преку Бугарија, Турција, Азербејџан, Грузија, Иран, неколку бивши советски републики и Монголија.
– На почетокот поминував по 30 километри дневно, но сега поради горештините намалив на 20-25 километри. Низ Србија ме придружува Ротари-клубот, кој се грижи и за моето сместување. Тука луѓето се многу љубезни, иако беа малку позатворени од Шид до Сремска Каменица. Од Белград до Ниш се чувствував како дома. И храната во Србија е фантастична – изјави Камарота пред претставниците на српските медиуми.
Таа не очекува проблеми во текот на патувањето, а единствено поради политичките услови во Киргистан побарала помош од италијанската амбасада.
Камарота вели дека нејзините деца и внуци најпрво биле против нејзината одлука да пешачи до Пекинг, но подоцна ја поддржале.