Љубовната приказна на Емануел и на Брижит Макрон

Емануел Макрон (44) повторно е избран за француски претседател и така стана првиот политичар кому му успеа да освои втор мандат во изминатите 20 години, откако тоа го стори Жак Ширак во 2002 година. Тогаш тој го победи Жан-Мари Ле Пен, таткото на денешната противкандидаткa на Емануел Макрон. Голем дел од јавноста се интересира и за неговиот приватен живот, бидејќи од 2007 година тој е во брак со неговата поранешна професорка Брижит, која е постара од него 24 години. Пред бракот со Макрон, таа од 1974 до 2006 година била мажена за банкарот Андре Луј Озиер, со кого има три деца и седум внучиња, кои Емануел го сметаат за свој дедо, објави порталот АС. Била професорка по француски јазик и книжевност во елитната гимназија „Сен-Луј-де-Гонзаг“ во Париз. Брижит му била професорка на тогаш 15-годишниот Емануел. Тој веднаш се вљубил во неа. Ќерката на Брижит Макрон, Тифен Озиер, првпат јавно прозборела за романсата на својата мајка и тинејџерот Емануел Макрон во документарецот што се емитувал во 2018 година.
– Беа многу вљубени и тоа беше очигледно. Но им беше тешко – изјавила Тифен, која имала девет години кога нејзината мајка се вљубила во Емануел.
Макрон ѝ изјавил љубов на Брижит кога имал 16 години, но неговите родители ја замолиле да престане да се гледа со него додека не наполни 18, а таа им одговорила: „Не можам ништо да ви ветам“.

Поради Брижит бил преместен во друго училиште

Родителите на Макрон прво мислеле дека тој излегува со нејзината ќерка Лоренс. Биле многу загрижени кога ја дознале целата вистина, па го преместиле синот во друго училиште во Париз.
– Не можевме да поверуваме и, секако, не можевме да го одобриме тоа – вели неговата мајка Франсоа Ногес Макрон.
Нејзиниот сопруг Жан-Мишел Макрон во интервјуто за францускиот весник „Алзас“ ја кажал вистината за неговиот однос со сегашната снаа, велејќи дека ниту тој, ниту неговата сопруга не го префрлиле Емануел во друго училиште поради неа. Ќерката на Брижит, Тифен, изјавила дека нејзината мајка и Емануел се многу лојални еден кон друг.
– Мојата визија за љубовта се тие двајца. Кога се заедно, за нив светот не постои – вели таа и додава дека нејзината мајка многу се трудела таа, нејзината сестра и брат што помалку да страдаат кога се разведувала од нивниот татко.
Брижит во една пригода отворено зборувала за својот брак со Емануел. Говорела за разликата во години меѓу нив двајца.
– Има мигови во животот кога морате да донесете тешки и важни одлуки. А за мене разводот беше тоа. Сега тоа е реалност, заедно сме јас и моите брчки и Емануел, кој е толку млад. Да не одлучев да бидам со него, сега немаше да бидам жива. Имав многу среќа со своите деца и, истовремено, почувствував дека морам да ја проживеам оваа љубов, како што вели поетот Жак Превер. Морав да бидам целосно среќна – вели Брижит.
Таа открила и како се чувствувала на почетокот на својата романса со тогаш малолетниот Емануел.

Љубовта се родила на приватни часови по драма

Како што изјавила Брижит, таа сфатила дека нивниот однос се менува додека му држела приватни часови за адаптација на драма. Се обидувала да се спротивстави на напливот на чувства и на Емануел му велела да го заврши четвртиот клас во Париз.
– Меѓу нас немаше ништо, но тргнаа озборувањата. Се грижев за своите деца и за нивната реакција – изјавила Брижит.
Меѓу другото, таа открила дека Емануел ја запросил кога имал 17 години, кога се простувал од неа пред да замине за Париз. Тогаш ѝ ветил дека ќе се врати по неа.
– Не можеш да се ослободиш од мене, ќе се вратам за да те земам за жена – ѝ рекол на заминување.
Брижит подлегнала на силината на љубовта на упорниот Емануел и се развела од тогашниот сопруг Андре Луј, што предизвикало скандал во малото место Амиен. Имено, таа тогаш била богата наследничка, а тој невработен студент по филозофија. Но Брижит не се грижела за тоа, туку нашла вработување како професорка по француски во приватно училиште во Париз. Таа и Емануел се венчале во 2007 година во познатото летувалиште Ле Туве, каде што имала викендичка. Сопружниците Макрон немаат деца, а Емануел рекол дека тоа е негова одлука.
– Оваа одлука ја донесов свесно. Мојата сопруга Брижит има три деца и седум внуци. Мислам дека е убаво што сум дел од нивните животи, бидејќи сите ги сакам. Немав потреба за биолошки деца. Најважно ми е што се сакаме и што се прифаќаме – изјавил Емануел Макрон.