Рок гигантите „Дип парпл“ на 28 мај на Стадионот на АРМ во градскиот парк во Скопје ќе нѐ потсетат зошто се меѓу петте највлијателни групи во светот, заедно со „Битлси“, „Ролинг стонси“, „Пинк флојд“ и „Вајт снејк“.

Британските кралеви на хард-рокот, чие седиште не е Бакингемската палата, туку „Рокенрол куќата на славните“, доаѓаат со врвна опрема на првиот регионален концерт под ведро небо годинава кај нас, за кој има огромен интерес и во нашето соседство, па и пошироко.

Последне пат тие на Балканот беа 2019 година, а сега по две и пол годишна пауза, поради ковид-пандемијата, повторно се враќаат на сцената. Иако имаат по 75 години, членовите на „Дип парпл“, сѐ уште прават одлични концерти по светот, кои, секогаш завршуваат со песните со кои израснаа многу генереции: Perfect Strangers“, „Black night“, „Smoke on the Water“ и „Hush“ .

Со овој концерт почнува концертната сеозна на продукцијата „Авалон“.

– Првиот концерт што го работевме со „Дип парпл“ беше нивното гостување во Скопје во 2005 година, кога искрено, не звучеа како сега. Сите беа скарани еден со друг и се возеа во различни автомобили. Но за среќа работите се сменија, па по 10 години почнаа да комуницираат, да созадваат нова музика и се вратија во форма. Ги гледав 2019 година во Белград и звучеа многу подобро од настапот во Скопје. А новите снимки од Америка, што се достапни на Интернет покажуваат дека продукциски се во 21. век. Ќе дојдат со одлична бина, онаа од главната сцена на „Егзит“ и сигурен сум дека ќе се случи на 28 мај првокласен спектакл – рече Бобан Милошевски, сопственик на „Авалон“ продукција, на денешната конференција за печат што се одржа во хотелот „Мериот“.

Предгрупа ќе биде млад македонски бенд, чие име наскоро ќе биде откриено.

Од концертната активност на „Авалон“, која ќе биде по принципот за секого по нешто, во наредниот период ќе се одржи концертот на учесниците во телевизискиот проект за деца „Дајте музика“, настапите на „Тивери корпорејшн“ и „Плацибо“ за љубителите на андерграунд музиката, на концертот на „Вајт снејк“ ќе уживаат хевиметалците, диџеј Тиесто ќе го слуша публика од повеќе генерации, Масимо Савиќ љубителите на екс-ју музиката, додека „Охрид колинг“ е за помладите, велат од „Авалон“.

– Во 2023 година лично јас ќе се потрудам да нема олку многу концерти, но да се случи спектакл на стадион каков што немало кај нас, да одиме една класа погоре во квалитетот на понудата, за публика од 40-50.000 луѓе. На тоа веќе се работи. Инаку, и во иднина ќе ги поддржуваме квалитетните домашни групи, како што се „Фанк шуи“, кои со големи чекори грабат напред, надвор од нашите граници, одличичните „Плутос даутс“ и оригиналните „Ласт експедишн“ – рече Бобан Милошевски.

М.Т.