„Хаваијан ерлајнс“ наскоро ќе стане првата голема авиокомпанија што на своите патници ќе им обезбеди пристап до сателитскиот интернет Старлинк. Споменатата компанија склучила договор според кој ќе може на патниците на сите нејзини транспацифички летови да им нуди сателитски интернет на компанијата „Спејс екс“. Интернетот ќе биде достапен за патниците што летаат со „ербас А321нео“, „ербас 330“ или „боинг 787-9“, услугата ќе биде бесплатна, а брзината ќе биде доволна за стриминг-услуги и играње онлајн игри.

Авиокомпанијата ќе почне да го воведува Старлинк на „одбраните“ авиони во 2023 година, а засега нема планови на таа листа да се вклучи и „боинг 717“, кој оперира кратки летови меѓу хавајските острови.
Потпишаниот договор ја прави „Хаваијан ерлајнс“ првата голема авиокомпанија што почнува да користи Старлинк. На почетокот на овој месец, „Спејс екс“ потпиша договор со чартер-авиокомпанијата JSX, која лета на пократки линии и со помал капацитет.

Договорот со „Хаваијан ерлајнс“ нема да значи нужно деловен напредок за „Спејс екс“, бидејќи некои големи авиокомпании веќе им нудат сателитски интернет на своите патници и можеби нема да брзаат да ја сменат опремата, чија инсталација понекогаш трае со години.