„Хабитат 67“ започна како контроверзен магистерски труд на Моше Сафди при универзитетот „Макгил“, а заврши како павилјон за „Експо 1967“, кој се одржа во Монтреал, Канада. Беше еден од главните симбол на „Експо 1967“, кој беше посетен од околу 50 милиони луѓе. Домувањето било една од главните теми на светскиот саем во 1967 година и „Хабитат 67“ како тематски павилјон бил посетен од илјадници луѓе што пристигнувале од целиот свет, а во текот на изложбата послужил и како привремена резиденција на многумина истакнати личности при нивната посета на Монтреал. Целиот проект бил финансиран од канадската влада, а денес е во сопственост на неговите станари, кои формирале ограничено партнерство кога го купиле комплексот во 1985 година, а Моше Сафди сѐ уште поседува стан во „Хабитат 67“.
Денес е еден од најпрепознатливите објекти во Монтреал и во Канада, а во архитектонските кругови се говори како за архитектонско чудно и фантастичен експеримент. Се водат полемики за неговата архитектонска успешноста или неуспешност. Според некои познавачи, „Хабитат 67“ го редефинирал урбаното живеење, но не успеал да ја оствари првичната идеја – да го револуционизира домувањето преку модуларен развој.

Се состои од 354 идентични бетонски форми распоредени во различни комбинации, достигнувајќи висина до 12 ката. Сите тие образуваат 146 резиденции со различни големини и распореди, секоја формирана од една до осум поврзани бетонски објекти. Првично целиот комплекс се состоел од 158 апартмани, но неколку од становите биле споени за да се создадат поголеми домови, со што се намалил вкупниот број. Секој стан има приватна тераса со димензија од 20 до 90 квадратни метри. Архитектонскиот концепт имал цел да ги интегрира придобивките од приградските домови – градините, свежиот воздух, приватноста, просторот на повеќе нивоа. Многумина верувале дека „Хабитат 67“ ја претставува иднината на домовите, односно новиот начин на живеење во сѐ преполните градови во светот.

Во март 2012 година, „Хабитат 67“ победи на онлајн анкетата на компанијата „Лего“ и е кандидат да биде додаден на листата на познати градби што инспирираат реплика на лего-коцките. Соработниците на Моше Сафди велат дека при првичното планирање на „Хабитат 67“ биле користени лего-коцки.


Моше Сафди – еден од најзначајните архитекти на денешницата

И покрај многубројните проблеми, „Хабитат 67“ му донесе слава и успех на Моше Сафди. Во текот на својата 50-годишна кариера, Сафди ги истражувал суштинските принципи на општествено одговорната архитектура преку сеопфатна и хумана филозофија. Денес, Моше Сафди се смета за еден од најзначајните архитекти од втората половина на 20 век и почетокот на 21 век, поради мултикултурноста, посветеноста на географските, општествените и културните елементи што ги дефинираат местото и постојаната потрага по технолошки и типолошки иновации. Сафди имаше проекти во голем број држави на американскиот континент, како и на Блискиот Исток и во Азија. Најпрепознатлив е со проектирањето на „Марина Беј Сандс“ во Сингапур. Со својата работа инспирирал генерации архитекти.