„Лос Пирањас“ од Колумбија

Дваесет и првото издание на музичкиот фестивал „Оф-фест“, кое ќе се одржи од 1 до 4 јуни во Скопје, ќе започне со концерт на македонските артисти „Перија“ и „Добрила и Дориан дуо“ во Македонската опера и балет, со почеток во 20 ч., односно во 21.30 часот.

Балканските звуци на „Перија“
Групата „Перија“ е бенд формиран во 2015 година, а го сочинуваат: Леа Милановиќ (тамбура, џумбуш, саз, перкусии), Деа Плевнеш (перкусии, вокал), Катерина Димитровска (вокал, тамбура, ќемане, перкусии) и Огнен Златанов (џумбуш, саз, ут, тамбура, вокал). Своите почетоци ги имаше на улица како импровизирана сцена. Членовите се менуваа низ годините, а бендот остана отворен за конекции и соработки. Перија е македонски збор со турско потекло што значи самовила. Токму таа митолошка врска со темнината на балканските шуми е чувството што се обидуваат да го пренесат во својата музика. Идејата е комбинирање на нивните музички влијанија и создавање фузија: обработување стари, речиси заборавени песни (некои од нив собирани од пријатели што патуваат по селата и ги снимаат, а некои најдени во многу стари снимки), со сопствена оригинална авторска музика и аранжмани. Бендот во својот вокален израз употребува различни јазици од Балканот и пошироко, бидејќи веруваат во еднаквоста на културите. Нивните музички влијанија варираат од модерната класична музика, атоналната, постпанк, рок, метал, психоделичниот транс, па сè до традиционалната музика на Балканот, Блискиот Исток и Северна Африка. Комбинираат западни и источни техники на свирење: музички скали што се користат во традиционалната музика на Балканот, копа дури и одредени траги од Истокот, непарни ритми од Балканот итн. Имаат објавено два студиски албуми и две ЕП-изданија.

„Апокриф“ – заеднички проект на „Добрила и Дориан дуо“
По нив ќе настапат: Добрила Грашеска (вокал) и Дориан Јовановиќ (ут, лупови), чија соработка почнува уште во 2008 година во „Чалгија саунд систем“, каде што и денес се негува традиционалната чалгиска музика, но и се креира нова, современа музика базирана врз традиционалната чалгија. Нивната заедничка музичка авантура како дуо започнува во 2020 година, кога се создадени проектот „Добрила и Дориан дуо“ и првиот заеднички албум наречен „Апокриф“, кој го издаде „СЏФ рекордс“ лани, кој уште при самото негово појавување е оценет како ремек-дело. Во него се наоѓаат неколку од најубавите македонски традиционални песни: „Излези, Видо“, „Три години стана“, „Невесто, тенка, висока“, но овој пат со комплетно нов пристап и уникатен „електронски“ поглед кон македонската музика, кој ја носи во една поинаква димензија. Сега, наместо познатиот инструментариум на поголемите ансамбли, се слушаат само утот, луповите, тишината, импровизациите и раскошната убавина на мелодиите.

Балаке Сисоко од Мали и Лукас Сантана од Бразил
На втората вечер, публиката ќе може да ги проследи настапите на Балаке Сисоко од Мали и Лукас Сантана од Бразил, исто така во Македонската опера и балет, со почеток во 20 часот.
Мајсторството во изведбата на африканската кора што, во рамките на втората фестивалска вечер (2 јуни), ќе го сподели виртуозниот инструменталист Балаке Сисоко од Мали, во комбинација со рафинираниот посттропикализмичен звук на триото на гитаристот и композитор Лукас Сантана, еден од клучните и најжешки актери на бразилскиот нов бран, создаваат услови за беспрекорно музичко искуство.

„Лос Пирањас“ од Колумбија
Веќе третиот ден, програмата се префрла во Младинскиот културен центар, каде што во киното „Фросина“, од 20 часот, ќе биде прикажан документарецот „Кралевите на румбата“.
Филмот ја раскажува епската приказна за конгоанската румба, музиката што донесе надеж на конгоанската нација, која им помогна да го надминат колонијалното угнетување и која подоцна со децении го плени африканскиот континент.
По проекцијата, во 22 часот ќе се одржи концерт на „Лос Пирањас“ од Колумбија во Денсинг-салата при МКЦ.
Звукот на оваа латиноинструментална супергрупа го креираат тројца музички визионери од Богота: Еблис Алварез, Марио Галеано и Педро Охеда. Обединувајќи ги експерименталните можности на ритмите и звуците од Јужна Америка (кумбија, чампета, тропикалија, салса и други) со авант-психорокот, даб-минимализмот и „бодликавиот“ џез, „Лос Пирањас“ е ретрофутуризам од најдобар вид. Сите овие стилови тие ги комбинираат во рок-манир, со бучни импровизации и апсурден музички хумор.
За затворањето на фестивалот ќе се одржуваат настапи паралелно во Македонската опера и балет и во МКЦ.

Мариа Мацота од Италија и Ненси Виеира од Зелено’ртската Република
Мариа Мацота од Италија и Ненси Виеира од Зелено’ртската Република ќе се претстават во МОБ, со почеток во 20 часот, додека групата „Сантрофио“ од Гана ќе настапи во Денсинг-салата на МКЦ, а концертот ќе започне на полноќ.
Уникатната сестраност на Марија Мацота е клучната состојка што ја прави една од најзначајните појави на музичката сцена во регионот Апулија во Италија. Марија може да се пофали со многубројни соработки со истакнати светски музички уметници, како: Боби Мекферин, Ибрахим Малуф, Рита Маркотули, Балаке Сисоко, Пиерс Фачини, Џастин Адамс и Џулде Камара, Реди Хаса, Рој Пачи и други. Во текот на нејзината кариера, таа настапи на некои од најважните светски музички фестивали. На „Оф-фест“, Мацота ќе го претстави својот последен албум „Amoreamaro“, во дует со хармоникашот Антонино де Лука.
Ненси Виеира е една од најреномираните уметници што го истражуваат огромното музичко наследство на Зелено’ртската Република, поточно нивната „морна“, национален музички стил што неодамна беше прогласен од УНЕСКО како нематеријално наследство на човештвото. А на сцената, таа е една од најсилните чувари на ова наследство, претставувајќи го низ целиот свет. Нејзината музика, која зборува за патувањата и морето, за копнежот и далечината, опстојува на различни фреквенции, нешто што секогаш им дава посебна динамика на нејзините концерти. Во моментов, Ненси подготвува нов албум, што значи дека нејзиниот извонреден репертоар ќе биде збогатен со нови песни.

„Санфори“ од Гана
Фестивалот завршува по полноќ со настапот на групата „Санфори“ во МКЦ.
Дури и без издаден албум, тие веќе го потпалија светот полудувајќи ја публиката низ цела Европа со својата летна турнеја во 2019-та. На овој млад деветчлен олстар-бенд од Гана не му недостигаат талентирани музичари и енергија на сцената. Нивниот деби-албум „Alewa“ испорачува – директно од улиците на Акра – нов бран свеж звук вкоренет во минатото, но со поглед кон иднината. Групата е формиранa од басистот и продуцент Емануел Офори, кој „се хранеше од изворот“ настапувајќи со Ебо Тејлор и Пет Томас. На сцената, тие ја уриваат секоја можност за хиерархија: музичарите ги менуваат своите улоги, растејќи со развивање на талентот на другиот и усогласувајќи се како целина.
Билетите за 21. „Оф-фест“ се достапни на билетарниците на НОБ и на МКЦ, како и онлајн преку mktickets.mk. Повеќе детали за фестивалот ќе дознаете на www.offest.com.mk.