Кристофер Вокен е еден од најчудните глумци во Холивуд

Блед тен, како на тукушто ексхумиран леш, испиени образи, остра густа коса, пробивен поглед како ласер, насмевка на грабливец… Само со својата физиономија глумецот Кристофер Вокен беше предодреден за улоги на ликови со психички нарушувања, но сепак, демонски привлечни, како што се: филозофски настроени вампири, садисти, паднати ангели, обезглавени јавачи на смртта и платени убијци, кои ги портретираше на големото филмско платно.

Таткото Пол од Германија доаѓа во Америка

Вокен е роден во 1943 година во Њујорк, во имигрантско семејство: таткото Пол дошол од Германија во потрага по посветла иднина, а од истите причини во Квинс ја донеле и Розали од Шкотска. Способниот и вреден Пол отворил фурна, која одлично работела, но немал многу време за семејството. На Кутрата Розали, иако имала актерски амбиции, а наводно и талент, судбината ѝ наметнала поинаква улога. Таа станала мајка на тројца разгалени синови. Сфаќајќи дека светлата на рефлекторите за неа се недостижни, одлучила нејзините синови да се обидат да влезат во тој магичен свет наместо неа. Ѝ се приклучила на организацијата „Друштво на мајки на сцената“ (The Stage Mother’s Society) за да им овозможи на децата телевизиска кариера. И така, првиот ангажман на Кристофер Вокен, идниот оскаровец, бил позирање за календар, во друштво на две мачки, кога имал само 14 месеци.

Негативците – специјалност

Педесеттите години на минатиот век биле идеално време за талентираните глумци во Холивуд. Тоа била златна доба на телевизијата – секој викенд се продуцирале повеќе од 20 емисии. Таква можност Розали ни во лудило не би пропуштила. Младиот Кристофер го минувал детството на бизарни аудиции, заедно со братот Глен. Благодарение на специфичните гласови и изразените црти на лицето, тие биле многу барани. Немало реклама во која барем еден мал Вокен не учествувал.
– Голем дел од мојот ран успех ѝ го должам на мојата бујна коса – таа стана славна пред мене. Како да велеше „гледај ме, не е лошо да си во шоу-бизнисот“ – изјавил во една пригода Вокен.
До 1975 година, Кристофер работел исклучиво во театар. На големото платно
дебитирал во филмот „Јас и брат ми“ (Me and My Brother), а светска слава му донесе улогата на суицидниот брат на главната хероина, во филмот „Ени Хол“ на Вуди Ален.

Слава му донесе „Ловци на елени“

Само една година подоцна, улогата во класикот „Ловци на елени“ ќе му донесе „оскар“ за споредна улога и ќе го профилира како „омилениот психопат на Америка“. Оној што еднаш ја видел антолигиската сцена на руски рулет, во која трауматизиран воен ветеран го става револверот на слепоочница, тешко дека некогаш ќе ја заборави.
– Зад себе имав повеќе од 30 години искуство во шоу-бизнисот, но дури по овие два филма луѓето почнаа да ме препознаваат на улица – раскажал Кристофер.
Одмаздољубив платеник во „Писма од војната“, безмилосен наркобос во „Кралот на Њујорк“, противникот на Џејмс Бонд во „Поглед на убиство“, мафијаш што лесно се фаќа за пиштолот во „Вистинска романса“, вампир-филозоф во „Зависност“, убиствениот обезглавен дух во „Сонливата долина“, ангел на смртта во хорор-трилогијата „Пророштво“, парализиран мафијашки шеф во „Чекајќи ја смртта во Денвер“, садистички гангстер во „Последниот преживеан“, грозоморен началник на заедница на послушни роботски женички во „Степфордските сопруги“, декадентен италијански аристократ со екстремни сексуални преференции и убиствени тенденции во трилерот „Во прегратките на непознатиот“…, се само некои од улогите што му ја овозможиле титулата „рента-манијак“.
Кога во една пригода режисерот Пол Шредер сакал да му го осветли лицето одоздола, за да изгледа пострашно, Вокен му рекол: „Не треба ти да ме правиш позлобен, јас го правам тоа одлично“.

Играше танго со Џон Траволта во римејкот на „Лак за коса“

Во деведесеттите години на минатиот век, Кристофер се потруди да ја разбие сликата што ја создаде за себе со играње улоги на психопати. Освен што неколкупати се појави во легендарното шоу „Во живо во сабота навечер“, напиша сатирична драма за задгробниот живот на Елвис Присли, го режираше краткиот филм „Ракчиња со пуканки“ (Popcorn Shrimp) и го глумеше добродушниот татко во Спилберговиот „Фати ме ако можеш“. А доказ дека тоа го направи добро е номинацијата за „оскар“ за споредна машка улога. Се докажа и како комичар во „Ловци на деверуши“, каде што беше убедлив и во улогата на посесивен татко на две моми за мажење, а во римејкот на „Лак за коса“ одигра сензуално танго со Џон Траволта, кој во овој филм глумеше жена.

Возбудлива кариера – монотон приватен живот

Но колку и да е возбудлива кариерата на Вокен, толку неговиот приватен живот е монотон. Подолго од 50 години е во среќен брак со продуцентката Џорџан Вокен. Двојката ужива во мирот и тишината на селскиот имот во Конектикат, каде што нема компјутери, мобилни телефони, па дури ни часовник, а животот го организирале на практичен начин. Уште на почетокот се договориле дека нема да имаат деца, бидејќи тоа е „преголема гњаважа“.
Наместо потомци, се определиле да чуваат мачки.
– За улогите што ми ги нудат луѓето ме сметаат за лудак, а јас сум само добродушен човек што ги плаќа сметките навреме, се занимава со градинарство и ги чисти болвите од крзното на своите мачки. Кога би се снимал филм за мојот живот, би бил забавен како посматрање на боја на ѕидот што се суши – изјавил славниот холивудски глумец.