Фото: Архива

Нашата земја е мала по површина, но има исклучително богата разновидност, како и сите земји на Балканот. Но за видовите не важат политичките граници, па затоа, соработката меѓу земјите од регионот е неопходна ако сакаме навистина да ги заштитиме видовите, вели Андон Бојаџи, раководител на Одделението за заштита на природата при националниот парк Галичица

„Заштита на биодиверзитетот преку чување на природата и реверзија на деградацијата на екосистемите“ беше темата на четвртата дебата инспирирана од изложбата „Розови тигри и златни гуштери и што уште не“, која се одржа во резиденцијата на Европската Унија во Скопје. Зелениот договор на ЕУ и предизвиците со кои се соочуваме се суштината на сите дебати.
Колку се грижиме за заштита на биодиверзитетот и зошто ова прашање е дел од Зелениот договор, можно ли е заштитата на природата и економскиот развој да се одвиваат како паралелни процеси – беа некои од прашањата начнати на дебатата.
Дијана Томиќ-Радевска e кураторка на изложбата „Розови тигри и златни гуштери и што уште не“, која ја организира Делегацијата на ЕУ во соработка со галеријата „Акантус“, како еден од начините преку уметноста да се зборува за глобалните проблеми. Таа го претстави концептот преку делата на Андреј Жерновски, Вана Урошевиќ и Зоран Тодовиќ (заеднички проект), Ненад Тонкин, Озбек Ајваз, а се задржа на делото на Маја Кировска. Поттикнати од пандемијата, карантините и ограничувањето на движење во природата, Кировски создале домашна градина. Почнале да ги проучуваат видовите што ги одгледуваат, да истражуваат за нив.
Диме Меловски од Македонското еколошко друштво го подели зачувувањето на биодиверзитетот во две групи – заштита на конкретен вид (како во случајот со балканскиот рис) и заштита на цели екосистеми. Според него, кога би имале повеќе подрачја „Натура 2000“, најголемата координирана еколошка мрежа на заштитени подрачја во светот, би добиле заштита и на самите елементи на екосистемот, вклучувајќи заштита на видовите и интеракција на човекот со нив.
Проф. Светислав Крстиќ, редовен професор на Институтот за биологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, посочи дека исчезнувањето на видовите постоело и пред човекот. Главното прашање е колку човекот влијае врз забрзувањето на исчезнувањето на видовите.

– Има податок дека фрапантни 10.000 вида исчезнуваат годишно. Ако ги додадете тука и климатските промени и загадувањето, повеќе од очигледно е колку човекот придонесува во овој процес. Но видовите мора да ги гледате како дел од екосистемот, не можете да ги изземете од него – вели Крстиќ.
Тој посочи дека нема време да се навлегува во правни лавиринти. За почеток, доволно е да се почитува постојната регулатива за квалитет на водите, што само по себе ќе донесе огромни придобивки за видовите што живеат во екосистемите. Таа легислатива постои, но треба да се почитува.
– Законите за овие прашања се максимално приближени до европската легислатива, дури 95 отсто. Дали се доволни? Не, зашто мора да се имплементираат и да се почитуваат – тврди Крстиќ.
Според Едита Зеќировиќ од МТСП, проблем е што во нашата држава не постои национален мониторинг-систем што ќе води сметка за биолошката разновидност. Постојат истражувања, но тие се базирани на индивидуални проекти и нема континуитет. Добра вест е што за 13,5 отсто е зголемен бројот на заштитени подрачја во земјава – Шар Планина, Малешево и Осоговските Планини. Според Зеќировиќ, еден од најголемите предизвици е сериозниот недостиг од експерти што во иднина ќе работат на овие прашања.
Андон Бојаџи, раководител на Одделението за заштита на природата при националниот парк Галичица вели дека оваа земја е мала по површина, но има исклучително богата разновидност, како и сите земји на Балканот.
– А за видовите не важат политичките граници. Затоа, соработката меѓу земјите од регионот е неопходна ако сакаме навистина да ги заштитиме видовите – рече Бојаџи.
Според Даниел Богнер, експерт и поранешен тим-лидер на проектот „Натура 2000“ на ЕУ, во однос на заштита на биодиверзитетот, свесноста кај луѓето е исклучително важна.
– Многу е важно луѓето да ја почувствуваат врската со природата. Сум ги видел изразите на лицата на луѓе што првпат ќе мириснат цвеќе или ќе чујат птици, шумолење на поток. Овие луѓе треба да се вклучат во работата на заштитата на природата. Во многу земји функционира т.н. граѓанска наука (citizens science), каде што обичните граѓани се вклучени во мониторирање на видовите – рече Богнер.