Францускиот стартап „Витировер“ разви автоматизирана соларна косилка што може да се користи во лозја и во други земјоделски полиња. Овие косилки може да се користат во групи од 50 единици низ имот од 50 хектари и во радиус од 20 километри. Тие се напојуваат со поликристални ќелии, а енергијата се складира во батериите.
– Роботите се развиени во нашето седиште во Сен Емилион. Нивната цена зависи од теренот, состојбата на почвата, бројот на пречки по хектар, висината на соларните панели, начинот на кој се инсталирани моторите доколку станува збор за тракери, како и многу други варијабли – вели директорот и основач на „Витировер“, Арно де ла Фушардиер.

Димензиите на роботот се 750 x 390 x 290 мм и тежи 20 килограми. Има четири тркала, секое со свој мотор. Производителот тврди дека косилката може да работи во сите услови и да коси трева висока помеѓу четири и 10 сантиметри. Системот користи софтвер за контрола на движењето што му помага да ги открие пречките и да им се приближи што е можно повеќе, помалку од еден сантиметар, за да ја коси тревата околу нив. Системот за следење АГПС има батерија што трае 15 дена и претставува осигурување од кражба.
Можно е да се користат до 50 роботски соларни косилки на површина од 50 хектари и во радиус од 20 километри. Секој робот е поврзан со оператор, кој во споменатата компанија го нарекуваат „овчар“, а поврзувањето се врши преку телефонската мрежа. Овчарот може да ја преземе контролата над роботот во секое време и да го изврши потребното одржување или интервенција на самото место.