Педесет години од филмот „Кум“

Заснован на бестселерот „Кум“ на Марио Пузо, со Марлон Брандо како патријарх на семејството Корлеоне, првиот од трите дела на сагата прикажува драматичен портрет на подемот на сицилијанскиот клан и претстојниот пад од власта во Америка. Зошто толку е популарен „Кум“ и по половина век?
Американската кинематографија од седумдесеттите години на минатиот век е позната по најпродуктивниот и најквалитетен период, кога се создадоа голем број наслови што го сменија не само општеството туку и тековите на светската кинематографија со моќни приказни. Ниту еден филм не го промени Холивуд како „Кум“ на режисерот Френсис Форд Копола (1972) и тешко дека има посилна сцена од онаа кога Марлон Брандо седи во својата фотелја со роза напикана во реверот од неговиот костим и изговара некои од најцитираните реченици во историјата на филмот.
Кога се појави во 1972 година, „Кум“ ги постави темелите на мафијашкиот жанр и имаше најдобра можна актерска екипа. По големиот успех на филмот, статусот во кариерата го запечатија Ал Пачино, Џејмс Кан, Талија Шајер, Дајан Китон и Роберт Дувал, а со вториот дел од трилогијата и Роберт де Ниро, кој во најуспешното продолжение на сите времиња „Кум 2“ го играше Вито Корлеоне во младоста. Ова ремек-дело доби десет номинации за „оскар“ и освои три од престижните златни статуетки, вклучувајќи и една за најдобар филм.

Чувајте ги пријателите блиску, а непријателите уште поблиску

Главата на едно од петте најмоќни мафијашки семејства во Њујорк, дон Вито Корлеоне (Марлон Брандо), припаѓа на кругот на последните традиционалисти: тој сè уште верува во важноста на семејството, лојалноста и почитта, бидејќи знае дека секоја организација во која има некое „расипано овошје“ наскоро ќе се распадне по коруптивен метод, одвнатре. Лојалноста се постигнува со правењето услуги и решавањето на проблемите на оние што му се доверуваат, а бакнежот на неговиот прстен е само симболично признавање на долгот во животот.
Приказната започнува со тоа што дон Вито Корлеоне, заедно со неговата сопруга Кармела, ја надгледува свадбата на нивната ќерка Кони. Неговиот сакан син Мајкл (Ал Пачино) штотуку се враќа од војната. Избалансиран помеѓу посветеноста на Корлеоне кон семејството и грдиот криминален бизнис со кој се занимаваат, тој нема намера да стане дел од бизнисот на неговиот татко. Меѓутоа, претстојниот ривал сака да започне да продава дрога во Њујорк и му треба влијанието на донот за да го реализира својот план. Конфликтот меѓу старите вредности и новите начини ќе бара висока цена, особено од Мајкл, а сето тоа во корист на семејството, во кое секој член што поминува низ расплетот на ситуацијата не е поштеден од страшни последици.

Брилијантна метафора за американското општество

Воодушевувачката музика на италијанскиот композитор Нино Рота ја заокружува приказната за распадот на семејството што воспоставило свои правила во безобѕирното богатење и кое сака да одржува чиста совест со мафијашки принципи.
„Го замолив Бог да ми даде велосипед. И тогаш сфатив дека Господ не работи на тој принцип. Украдов велосипед, а потоа го молев да ми прости“, е реченицата што често ја изговара Ал Пачино, зборувајќи за филмот, алудирајќи на суштинските морални и политички кризи на општеството заглавено во корупција.
„Кум“ покажа како функционираат Владата и правдата, но и светот на забавата, пред сѐ преку сцената со холивудскиот продуцент и главата на неговиот коњ, со која се буди во крвав кревет. Тој всушност „добива понуда, која не се одбива“. По педесет години, филмот убаво старее, а за неговиот квалитет доволно говори и потребата да се продолжи да се гледа со еднакво восхитување. Ретко кој филм успева да има такви актери, одлично сценарио, режија, естетика на кадри, како и саундтрак. По повод 50-годишнината, продукциската куќа „Парамаунд пикчрс“ објави нов трејлер, кој сигурно ќе ги привлече членовите на помладата генерација, оние што никогаш не го гледале филмот.
„Кум“ се смета за модерен еп и за брилијантна метафора за американското општество. Самиот Копола во една пригода изјавил дека секогаш сакал да ја употреби мафијата како метафора за САД, зашто двете имаат корени во Европа. Според неговите зборови, „и двете се целосно капиталистички ориентирани и основната грижа им е профитот. И мафијата во Америка се чувствува како добротворна организација, а нејзините раце се извалкани со крвта од она што мора да го прави за да ги заштити својата моќ и интересите“.