Занимливости

Во 1908 година италијанскиот археолог П. Луиџи, во текот на археолошките истражувања на минојската палата во Фестос, на островот Крит, пронајде диск од печена глина. Денес е позната како Дискот од Фестос, или Фестоскиот диск, и се верува дека потекнува од средното или доцното минојско бронзено време, односно од вториот милениум пред нашата ера.
Дискот е со дијаметар од околу 15 сантиметри и од двете страни има 45 различни знаци, кои се направени со притискање печат врз мека глина. Во науката постојат различни видувања за првобитното место каде што дискот настанал, како и за неговата намена.
Многумина истражувачи направија обиди да ги дешифрираат знаците, меѓутоа досега сите обиди се неуспешни. Постојат претпоставки дека станува збор за исчезнат јазик, кој се говорел за време на минојската (критската) цивилизација, а според некои од теориите станува збор за слоговно писмо или алфабет. Напредокот во дешифрирањето на Дискот од Фестос е ограничено, бидејќи досега не се пронајдени други примероци со овие симболи, со што е отежната дополнителната анализа поради недостиг од контекст за споредба.

Дискот беше пронајден во главната просторија во подземниот храмски склад при палатата во Фестос. Овие подземни простории, до кои се пристапувало само одозгора, биле уредно прикриени со слој фин малтер. Пронајдоците биле сиромашни со скапоцени артефакти, но во северниот дел, во непосредна близина на дискот, била пронајдена табела со линеар А (линерано писмо што се користело во Крит за минојскиот јазик, кое сѐ уште не е дешифрирано).
Истражувачите веруваат дека местото се урнало како резултат на земјотрес, најверојатно поврзан со ерупцијата на вулканот Санторини, кој зафатил големи делови од источното Средоземно Море, во средината на вториот милениум пред нашата ера.
Постојат неколку датирања на дискот. Според едно од нив, тој потекнува од периодот помеѓу 1850 и 1600 година пред нашата ера. Меѓутоа не постои општа согласност помеѓу истражувачите, па други го датираат во 1400 година пред нашата ера.
Истражувачите веруваат дека натписот на дискот од Фестос е направен со притискање печати во мека глина, која била печена на висока температура.

Знаците се распоредени во насока на стрелките на часовникот, од центарот на дискот, бидејќи целиот текст е впишан на овој начин, станува збор за уникатна карактеристика.
На дискот може да се забележат 45 различни симболи. Многу од овие симболи се лесно препознатливи објекти, како што се растенијата. На дискот може да се забележат траги на корекција од страна на писарот на неколку места. Направени се повеќе обиди за дешифрирање, меѓутоа истражувачите велат дека сѐ додека не се пронајдат слични натписи не е можен пробив. Според една од теориите, станува збор за молитва, односно религиозна содржина, бидејќи некои од симболите се повторуваат неколкупати.


Минојска цивилизација

Минојската цивилизација е една од најнеобичните во источниот дел на Средоземно Море. Центарот на цивилизацијата се наоѓал на островот Крит, каде што се наоѓале палатите во Кносос и Фестос. Цивилизацијата започнала да се развива во 3000 година пред нашата ера, а својот развој го достигнала во 1500 година пред нашата ера. Цивилизацијата го добива своето име според митскиот крал Минос.