Дали некогаш ви се случило да читате лоши вести со часови, додека полека тонете во очај? Ова самоуништувачко однесување стана толку вообичаено што постои термин што го опишува: думскролинг или компулсивно пребарување на интернет. Според експертите за ментално здравје, пребарувањето на интернет нѐ заробува во маѓепсан круг на негативност и ја поттикнува нашата анксиозност. Постојат различни фактори што придонесуваат за оваа појава, а еден од нив е потребата на човекот подобро да ја разбере ситуацијата што не може да ја контролира. Човечкиот мозок е природно предодреден да открива закани и колку повеќе време поминуваме во читање негативни вести, толку повеќе закани наоѓаме, што дополнително нѐ влече да продолжиме да бараме, а во тој континуиран процес дополнително стануваме загрижени. Постојаната изложеност на негативна содржина може да создаде темен филтер низ кој гледаме на светот.

Изложеност на информации

Живееме во свет во кој постојано сме изложени на информации, а секое отворање на социјалните мрежи и информативните сајтови што нагласуваат негативни вести за да привлечат внимание, дополнително влијае на појавата на вознемиреност и чувство на страв.
Кога во светот се случуваат пандемии и воени конфликти, читајќи ги вестите, бараме начин да ги отстраниме вознемиреноста и стравот од непознатото. Потсвесно мислиме дека ако продолжиме да ги читаме вестите, може да видиме нешто што ќе направи да се чувствуваме подобро, да имаме појасна слика или да добиеме совет како да ги надминеме постојните закани. Сепак, најчесто се случува наместо добри вести, да наидеме на сѐ повеќе лоши вести. Несвесно, можеме да паднеме во замката на постојано барање нови податоци, а оваа шема се покажува како многу штетна за менталното здравје. Прекумерното консумирање вести доведува до зголемено ниво на анксиозност, како и стрес, тага и страв. Едно германско истражување открило врска помеѓу зачестеноста, времетраењето и разновидноста на консумирање вести со засилени симптоми на депресија и анксиозност.

Како „думскролинг“ влијае на нашиот мозок?

Човечкиот мозок е дизајниран да нѐ заштити од закани. Кога станува збор за компулсивното пребарување, мозокот добива информации дека постојат неограничени закани за кои мора да биде свесен и се активира во состојба на постојана будност. Мозокот, кој е постојано изложен на високо ниво на хормони на стрес, како што е кортизолот, може да предизвика хиперактивност и дополнително да влијае на негативните емоционални и физички сензации. Ние, исто така, сме склони да им дадеме поголема тежина и да се фокусираме на деталите во нашата средина што ги потврдуваат нашите сопствени уверувања. Доколку веќе постојат симптоми на депресија и анксиозност, кои создаваат негативни уверувања, тенденција е личноста да биде повеќе фокусирана на вестите што ги потврдуваат тие верувања.

Механизам на машина за коцкање

Компулсивното пребарување го имитира и коцкањето, бидејќи не бараме само лоши вести туку и вести што би нѐ охрабриле. На некој начин стануваме зависни од можноста вестите да бидат подобри. Експертите го споредуваат тоа со играњето на автомати, каде што коцкарот постојано ја влече рачката со надеж дека ќе победи, иако има поголема веројатност да изгуби. Губењето кај компулсивното пребарување е изложеноста на истите лоши вести и негативните психолошки и физички ефекти што доаѓаат со тоа. Овој модел е многу заразен, затоа машините за коцкање се дизајнирани на тој начин, исто како и ѕидот на социјалните мрежи. Со механизмот за повлекување за освежување на содржината и бескрајните серии на вести на социјалните мрежи, имитирајќи автомати за коцкање, стануваме вовлечени во циклуси на неизвесност, исчекување и примање повратни информации.

Рамнотежа во консумацијата на содржината

Како и секоја лоша навика, тешко е да престанеме постојано да бараме и читаме вести, но има работи што можеме да ги направиме за да ја вратиме рамнотежата во консумирањето онлајн содржини.
– Одвојте малку време за да ги прочитате вестите. Би било добро да не биде веднаш по будењето и пред спиење.
– Исклучете ги известувањата за интернет-страниците што често споделуваат негативни вести.
– Ако почувствувате потреба повторно да ги проверите вестите, иако поминале само неколку минути, размислете за друга активност во која уживате, како што се пешачење, читање книга, дружење со пријатели.
– Вршете влијание на промената на алгоритамот – кога читаме лоши вести, особено на социјалните мрежи, алгоритамот ќе продолжи да препорачува други приказни со исти или сродни теми. Алгоритамот може да се промени со барање добри вести и канали на социјалните мрежи што споделуваат позитивна содржина.
– Ако забележите дека обрасците за пребарување вести негативно влијаат на вашите секојдневни активности, консултирајте се со професионалец за ментално здравје.

Влијанието на медиумите

Медиумите во голема мера се потпираат на вести споделени преку социјалните мрежи за да привлечат дополнителен сообраќај кон нивните веб-страници, а тоа често се постигнува преку бомбастични и негативни наслови. Медиумите треба да обрнат внимание на непропорционални количества негативни содржини во однос на позитивните. Би било добро ако поголемата свест за последиците од компулсивното пребарување врз менталното здравје доведе до промена во однесувањето на медиумите во иднина.