Евровизиската „In corpore sano“ со седум милиони прегледи на Јутјуб

Веќе десетина дена, не само во Србија туку и во целиот регион, главна тема на разговор е Ана Ѓуриќ, алијас Констракта, која со необичната концептуална песна „In corpore sano“ и со уникатниот настап победи на „Беовизија“, со што обезбеди виза за Торино, Италија, каде што во мај ќе се одржи „Евровизија 2022“.
Одамна не се случило некој изведувач да привлече толку големо внимание во јавноста, кај луѓето од седум до 77 години, а песната и нејзиниот текст да станат тема на анализи, особено рефренот на песната „Уметницата мора да биде здрава“ со карактеристичните движења на рацете. За нејзиното масовно ширење на интернет говори и фактот што има над седум милиони прегледи на Јутјуб.
Со Констракта неодамна се сретна и македонската евровизиска претставничка, Андреа, која заедно со евровизискиот тим на МРТ, носителот на лиценцата за изборот, беше на мини-балканска турнеја, односно ги посети Црна Гора, Романија и Србија.
– Констракта беше мој фаворит уште од почетокот и драго ми е што победи. Единствена е, оригинална и буди емоција. Кога го гледав настапот не можев да го тргнам погледот од телевизорот – вели Андреа.

За МРТ даде изјава и пејачката.
– Песната „In corpore sano“ има многу пораки, така што му оставам слобода секому да го избере она што му се допаѓа. Убаво е чувството по сѐ што ми се случува деновиве, но веќе е време да влеземе во машина и да почнеме да се подготвуваме за Торино – рече таа за Македонската телевизија.
Одговарајќи на прашањето што е она што ги допира сите, Констракта рекла дека едноставно се склопиле музиката и звукот и се направил некој „клик“ кај публиката, која ја почувствувала песната.

„Анонимус“ со 20 години стаж на естрадата

Но која е, всушност, Констракта или Ана Ѓуриќ? Родена е на 12 октомври 1978 година и е српска кантавторка. Пред да продолжи со соло-кариера во 2019 година, таа се прослави како главен вокал на инди-поп бендот „Земља грува“, основан во 2007 година, со кого издала три албуми „WTF Is Gruveland?“ (2010), „Dino in Grooveland“, (2013), кој опфаќа песни од хрватскиот пејач Дино Дворник, и „Šta stvarno želiš?“ (2016 година). Некои од најпознатите хитови на бендот се „Најлепше жеље“, „Нисам знам да само ова хтела“ и „Јаче манијаче“. Учествувала на музичкиот фестивал „Беовизија“ и во 2008 и 2009 година со „Чудесни светови “ и „Свејдно ми је“. Со објавувањето на нејзиниот соло-сингл „Жваке“ во 2019 година, Констракта продолжи со соло-кариера. Во 2020 година, таа ја објави песната „Неам шамана“, инспирирана од написот на таблоидот за Емина Јаховиќ, која бара помош од шаман за да го надмине разводот со Мустафа Сандал. На 28 февруари 2022 година, Констракта го објави својот проект „Triptih“, 12-минутно музичко видео за три песни – „Nobl“, „In corpore sano “ и „Mekano“. Концептот беше идеја на самата Констракта, покрај Ана Родиќ и Маја Узелац, која го режираше и спотот.
Приватно, Констракта е дипломирана архитектка, а во 2009 година се омажила за колегата Милан Ѓуриќ со кој има две деца, синот Никола и ќерката Лена. Како што изјави, таа е и претседателка на куќниот совет и нема здравствена книшка.

Споредби со перформансите на Марина Абрамовиќ

Веднаш по победата почнаа да се пласираат изјави дека настапот на Констракта имал елементи од перформансите на уметницата Марина Абрамовиќ, оти потсетувал на филмовите на Душан Макавеев, ја допирал и душата, односно дека носи религиозни пораки. Еден британски јутјубер во својот коментар вели: „Наместо глупости, Србија на ’Евровизија‘ испраќа уметност, со многу длабоко значење. Оваа жена прави нешто единствено, никогаш не сум видел вакво нешто, бидејќи обично на евровизиската сцена гледаме кич, но ова е чиста уметност. Ќе гласам за Србија“.
Самата Констракта се надева дека ќе влезе во финалето, а сѐ повеќе од тоа ќе биде бонус за неа. Реакциите низ Европа докажуваат дека за добра песна и интригантен настап не е важен јазикот на кој се пее, бидејќи на интернет може да се најде преводот на текстот. А дека може да се триумфира и без песна отпеана на англиски јазик ни покажуваат примерите на Португалија од 2017 г. и на Србија од 2007 г., кога Салвадор Собрал и Марија Шерифовиќ победија пеејќи на мајчин јазик.