Фото: Макфакс

Љубителите на Евровизија ширум Европа се изненадени од можноста за повлекување на македонската претставничка Андреа од Евровизија по инцидентот со фрлањето на државното знаме во Торино, судејќи според нивните коментари на Твитер. Многумина од странците ја бранат Андреа, a дел од нив и се шегуваат, ублажувајќи го значењето на нејзиниот непромислен гест што наиде на остра осуда во Македонија.

„Дали навистина размислуваат да ја повлечат Андреа на два дена пред првото полуфинале“, „Таа го фрли знамето за медиумите да можат да ја фотографираат. МРТ оди предалеку со заканата за повлекување“, „толку е погрешно Андреа да поминува низ ова. Таа го фрли знамето бидејќи нејзината делегација беше далеку и бидејќи сакаше рацете да и бидат слободни за фотографиите. Затоа прекинете со бесмислиците и контроверзиите, бидејќи не постојат“, „Ослободете ја Андреа! Таа само ги тестираше границите на МРТ“ (се алудира на стих од нејзината песна „Circles“ – н.з.), „ова е шега, Андреа не стори ништо погрешно“, „Сфаќам зашто и се лути на Андреа, тој гест е неприфатлив, но ве молам, има уште четири дена до второто полуфиналем, па немојте да правите голема работ од ова“, гласат дел од странските реакции на Твитер.

Меѓу коментарите се споменува и спорниот случај со претходниот македонски претставник Васил Гарванлиев.

– Минатата година со Васил, а сега со Андреа. Можеме ли да ги пуштиме изведувачите да уживаат во нивниот миг без да ги вадиме работите од контекст – порачува љубител на Евровизија од Шпанија.

Спорните случаи на Андреа и Васил со знамињата ја втурнаа Македонија во евровизискиот „Ден на мрмотот“

Андреа денеска преку социјалните мрежи упати ново извинување поради нејзиниот гест, откако тоа го стори и синоќа, додека не стивнуваат реакциите за фрленото знаме. Македонската Радио Телевизија (МРТ) соопшти дека ја разгледува можноста за повлекување на младата пејачка од Евровизија. Предвидено е Андреа да ја претставува Македонија со песната „Circles“ на втората полуфинална вечер од „Евровизија“, в четврток во Торино.