Изведувачите на стомачен танц се соочуваат со потешкотии во Египет и во арапските земји, бидејќи нивниот танц честопати се поврзува со неморални професии, а танчарките се справуваат и со негативни стереотипи и стигматизација, пренесува „Гардијан“.

Стомачниот танц како уметност, неправедно станува тесно поврзан со водење на неморален ноќен живот, со консумирање алкохол и со проституција. Овој танц што е длабоко вкоренет во египетската историја, во конзервативниот Египет сѐ повеќе се смета за сличнен со изведувањето стриптиз и ваквата асоцијација им го отежнува животот на танчарите.

– Танцувањето сѐ повеќе се изведува скришно во ноќните клубови и на прославите. Јас воопшто не го сакам ни поимот „стомачен танц“ – објаснува танчерката Ами Султан, која сега ги поттикнува и оние кои ги подучува танцот да го нарекуваат „египетски“.

Како дел од кампањата за промена на перцепцијата за оваа традиционалната уметност, Султан се обидува да го вклучи египетскиот стомачен танц да биде вклучен на списокот на нематеријално културно наследство на УНЕСКО.

– Иако египетскиот стомачен танц е многу популарен, а танчарките се познати личности, на нив почесто се гледа како на еден вид сексуални работници, отколку како уметници – објаснува Султан.

Дури и во индустријата, египетските танчарки се соочуваат со потешкотии. Жените кои се обидуваат да се пробијат во оваа кариера ризикуваат отуѓување од нивните семејства и сексуално вознемирување. Ако некоја девојка во Египет работи како стомачна танчарка, за неа се смета дека не потекнува од добро семејство или дека нема добро образование, па дури и ризикува да биде кривично гонета за носење облека што се смета за премногу откривачка.