Илустрација / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Најновото истражување на британскиот Универзитет во Бат покажа дека само една недела пауза од социјалните мрежи ги ублажува депресијата и анксиозноста, пренесе хрватски „Индекс“.

Истражувачите следеле 154 луѓе на возраст од 18 до 72 години поделени во две групи. На едната ѝ бил даден пристап до социјалните мрежи, а на другата не. Пред студијата испитаниците користеле социјални медиуми во просек осум часа неделно.

Луѓето кои седум дена паузирале од користење и следење на социјалните платформи Тикток, Инстаграм, Твитер и Фејсбук изјавиле дека се чувствуваат многу добро, покажала студијата.

Со помош на три вида тестови, истражувачите ги процениле нивоата на анксиозност, депресија и добро расположение кај испитаниците.

За да ја измерат депресијата, на учесниците во истражувањето им биле поставувани прашања, за тоа „колку често биле вознемирени во изминатите две недели поради мал интерес или задоволство во активностите на социјалните мрежи“. Анксиозноста се следела со помош на скала за општо анксиозно растројство, која одредува колку често на лицето му пречи чувството на нервоза или е „на работ“ и не може да престане да се грижи.

За оние кои направиле еднонеделна пауза од социјалните мрежи, се покажало дека нивното добро расположение се искачило од просечни 46 на 55,93 единици на скалата за ментална благосостојба „Ворвик-Единбург“.

Нивоата на депресија во оваа група паднаа од 7,46 на 4,84 единици на прашалникот за здравјето на учесниците, додека анксиозноста падна од 6,92 на 5,94 единици на скалата. Авторот наистражувањето д-р Џеф Ламберт вели дека резултатите укажуваат на умерено подобрување на депресијата и благосостојбата и скромно подобрување на анксиозноста.

– Многу од нашите испитаници пријавија позитивни ефекти по исклучувањето од социјалните мрежи, преку подобро расположение и помалку анксиозност – рече д-р Ламберт.

Тој сугерира дека дури и мала пауза може да има позитивно влијание.

– Се разбира дека социјалните мрежи се дел од животот и за многу луѓе тие се незаменлив дел од тоа кои се и како комуницираат со другите. Но, ако секој ден поминувате часови „скролајќи“ по социјалните мрежи и чувствувате дека тоа негативно влијае на вас, треба е да го намалите времето поминато на социјалните мрежи за да видите дали тоа ќе помогне – вели д-р Ламберт.

Резултатите од истражувањето ги поддржуваат претходните истражувања спроведени во САД и Велика Британија кои ја поврзуваат редовната употреба на социјалните медиуми со повисока стапка на депресија и анксиозност. Но, не е утврдено дали користењето на социјалните мрежи доведува до проблеми со менталното здравје, се вели во извештајот.

Истражувањето е објавено во списанијата „Сајберсајколоџи“, и „Бихејвјор енд соушл нетворкинг“.