Ѓорѓе Балашевиќ на еден од неговите концерти во Скопје / Фото: Игор Бансколиев

Една година без панонскиот морнар, кој ги носеше Васа Ладачки и убавата попова ќерка во реверот… Познатиот српски и југословенски кантавтор Ѓорѓе Балашевиќ почина на 67-годишна возраст на 19 февруари минатата година, од последици на коронавирусот на Инфективната клиника во Нови Сад.

Последен пат во Скопје, популарниот Ѓоле одржа концерт на 20 мај 2018 година во СРЦ „Борис Трајковски“, во рамките на турнејата со која одбележа 40 години успешна кариера. Тогаш имаше 65 години и се пошегува дека, никогаш не ни помислувал оти стиховите на популарниот „Петел“ – „ми пристигна 65-та, значи доаѓа длабока есен“ ќе станат стварност.

– Навистина добра екипа сте. Каде и да одам, во Љубљана, Белград, Загреб, Сараево, Скопје, јас сум со моите. Секогаш ги почитувам разликите, но уште повеќе сличностите. Па иако можеби зборуваме на различни јазици, зборот срце секаде исто звучи – рече Балашевиќ тогаш во Скопје.

И како и секогаш кога доаѓаше во Скопје, најмалку три часа ги пееше со публиката своите хитови: „Протина кќи“, „Мирка“, „Марина“, „Васа Ладачки“, „Јесен стиже“, „Провиницијалка“, „Словенска“, „Рингишил“, „Не волем“, „Д Мол“…. и за крај, како и секогаш „Одлази циркус“. Аплаузот се слушаше уште дваесетина минути, бидејќи публиката едноставно не сакаше да си замине од јубилејниот концерт на панонскиот морнар.

Неговите обожаватели ширум светот денеска уште еднаш ќе се потсетат на некои од многуте хитови на Балашевиќ. М.Т.