Актерот Џорџ Клуни и неговата сопруга Амал, почитувана адвокатка за човекови права, која се залага за хуманитарни цели, ја примија првата заедничка награда. На виртуелна церемонија, објавена на јутјуб-каналот на фондацијата „Елевејт прајз“, двојката беше почестена со „каталист аворд“, бидејќи ги користеше своите платформи за да инспирира општествени промени.
Двократниот оскаровец (60) го започна својот говор наведувајќи дека мисијата на неговата фондација за правда (ЦФЏ) е да работи на ослободување на невините и казнување на виновните, еден по еден случај. Неговата сопруга (44) нагласи дека средствата од оваа награда ќе ја поддржат нивната програма „Трајл воч“, која следи кривични судења низ светот и брани поединци што се неправедно приведени, вклучувајќи и новинари, жени, ЛГБТК-лица и малцинства.
– Нашата цел во фондацијата е да ги ослободиме невините и да ги казниме виновниците. Мислам дека и двајцата сме инспирирани од младите луѓе што ја оспоруваат неправдата во своите заедници, новата генерација што нема да прифати статус кво – рече Амал.