Звукот на оргулите од марката „хејзел рајт“ повторно се слуша во катедралата во местото Гарден Гроув, во Калифорнија, САД. Речиси цела деценија траеше репарацијата на овој огромен инструмент, што дел по дел беше пренесен во италијанскиот град Падова на обемна поправка. Целата акција чинеше три милиони долари.
Оргулите, кои го добија името по својот прв добротвор, сега имаат 17.000 цевки, 15 засеци и 293 реда. Дејвид Лао Бол, оргулар и организатор на музичката служба во катедралата посветена на Исус Христос, кој прв имаше чест да засвири на обновениот инструмент, изјави дека овие оргули се најголеми од сите во римокатоличките катедрали на западната хемисфера.
Според зборовите на Кевин Картрајт, техничар и претседател на компанијата „Розалес орган билдерс“ од Лос Анџелес, сите оргули треба да бидат наштелувани, според просторот и зградата во која се наоѓаат. Тоа практично значи дека, во случај на потреба на инструментот да се интервенира, техничарот ќе мора да се искачи на висина од неколку ката, за да стигне до секоја цевка и сите да ги дотера до совршенство.