Индонезија размислува за промена на главниот град, бидејќи Џакарта има нерешливи проблеми, поради што се бара ново решение. Џакарта е многу загаден и пренаселен град, тој е подложен на земјотреси и брзо тоне, па Индонезија сака да го направи новиот поодржлив, почист и „поотпорен“ главен град.
Изградбата на нов главен град не е само физички потег на Владата туку има цел да изгради нов паметен град, кој е глобално конкурентен и кој ќе стане „локомотива“ на трансформацијата на Индонезија, заснована на иновации, технологија и зелена економија – изјави претседателот Јоко Видодо пред одобрувањето на планот.
Концептот подразбира нов град, а беше претставен уште во 2019 година. Амбициозниот развој би вклучувал изградба на градот Нусанаре, кој би се наоѓал на 2.000 километри североисточно од Џакарта, во провинцијата Источен Калимантан. Меѓутоа, не се согласуваат сите со планот на Видодо, бидејќи групите за заштита на животната средина се загрижени дека новиот град може да ги вознемири орангутаните, леопардите и другите диви животни што живеат во регионот. Исто така, тука е и фактот дека изградбата на нов град би чинела 34 милијарди долари.
Постои ризик за водата, флората и фауната, ризик од загадување и штетa на животната средина, а тука е и проблемот со климатските промени – велат од групата ВАЛХИ.
Во Џакарта живеат околу 10 милиони луѓе, а често се опишува како град што најбрзо тоне во светот. Видодо сака да ги избегне сѐ поголемите проблеми на овој град, но би можело тие да бидат само префрлени на нова локација.
Исто така, се поставува прашањето што ќе биде со жителите на Џакарта што не можат да се преселат во новиот град и дали ќе останат во Џакарта со нејзините проблеми без никаква помош.