Данската компанија за онлајн барање работа „Џобиндекс“ поднесе тужба против Гугл до Антимонополскиот регулатор на Европската Унија, наведувајќи дека американската фирма неправедно го фаворизира сопствениот сервис за барање работа. Оваа жалба би можела да ја поттикне шефицата на ЕУ за заштита на пазарната конкуренција, Маргрет Вестагер, да ја забрза постапката за истрага на споменатиот сервис на Гугл, три години откако таа услуга на компанијата првпат беше ставена под лупа на регулаторите. Оттогаш, ЕУ не презема никакви конкретни мерки во врска со ова прашање, пренесува Ројтерс.

Европската комисија и Гугл не одговорија веднаш на барањата за коментар.
Гугл, кој Вестагер го казни со повеќе до 0,8 милијарди евра (8,4 милијарди долари) последниве години, претходно соопшти дека работи на промена на таа услуга во Европа, по жалбите на конкурентите што нудат онлајн сервис за барање работа.
Сервисот „Гугл фор џобс“, кој во 2018 година е отворен во Европа, во 2019-та предизвика критики од 23 веб-сајтови за барање работа, кои навеле дека загубиле удел на пазарот, бидејќи американскиот гигант за онлајн пребарување, наводно, ја искористил својата пазарна моќ да го фаворизира својот нов сервис.
Компанијата „Џобиндекс“ е една од 23-те што застанаа против Гугл пред три години. Основачот и главен извршен директор на „Џобиндекс“, Каре Даниелсен, изјави дека неговата компанија изградила најголема база на податоци за работните места во Данска, пред Гугл да влезе во тој сегмент и во краток временски рок загубила 20 отсто од целокупниот обем на пребарувања поради „поинфериорниот сервис на Гугл“, кој американската фирма го става на врвот на резултатите од пребарувањето.