„Рефлексија“ – трет инклузивен концерт на танцовото студио „Еурека“ во НОБ

Јас и мојот тим успешната приказна, се надевам, ќе ја реализираме уште долго, барајќи го совршеното движење, некогаш направено и со подадена рака. Во светот на различности и нееднаквости, каде единствената константа е промената, ние сите во „Еурека“ посакуваме да бидеме позитивната промена во многу животи, вели уметничката директорка на танцовото студио Катерина Јолакоска, која е и автор на претставата „Рефлексија“

Зад нас е уште еден подвиг на танцовото студио „Еурека“. Вчеравечер на големата сцена на Националната Опера и Балет, 220 деца и млади, со и без попреченост, ја одржаа третата инклузивна претстава на овој ансамбл, кој 21 година сигурно и со крената глава чекори кон врвот, под будното око на неуморната, креативна и вечно млада Катерина Јолакоска. И не се вели попусто дека некои луѓе имаат мисија во животот, а една од нив несомнено е Катерина.

Таа свесно тргна во авантура, без страв од предрасуди и почна да поместува планини со својот ангажман. Меѓу првите, не само во земјава, туку и во регионот, со својот извонреден тим почна да подготвуваа инклузивни претстави, кои се се поуспешни. Првата беше „Пепелашка“, лани ужувавме во „Ѕвонарот“, а оваа година не заслепи „Рефлексија“.

Овој современ балет на музика на Кирил Џајковски и други автори, се фокусира на рефлексијата на современото брзо живеење и неговото влијание врз растењето и себеспознавањето на децата. Засегнати беа и современите мајки кои се помлаку време имаат за своите деца, кои се почесто се изложени на булинг од страна на своите врсници. Силна е и пораката испратена од младите танчари за правата на лицата со попреченост и нивните стремежи да се изразат креативно и да ги остварат своите соништа.

Вчеравечер, во преполната сала на Националната опера и балет, која еве, по трет пат широко ги отвора вратите за проектите на „Еурека“, емоциите за време на гледањето на претставата ги допреа сите, а долгите аплаузи беа знак дека сите присуствуваат на редок настан кој искри од позитивна енергија и испраќа силни пораки.

„Рефлексија на денешницата“, „Денес, зашто утре не ни е ветено“, „Животот е сликата која ја имаме за него“, „Реалноста раскажана преку танц“, „Инклузивно прифаќање, соединување, заедништво, среќа, радост, дружба…“, порачаа талентираните млади танчари, од трите школи на „Еурека“, во Капиштец, Бутел и во Автокоманда во Скопје, кои со голема леснотија не внесоа во својот универзален свет на танцот и музиката.

– Пред 21 година ги отворивме вратите за сите што сакаат да танцуваат и невозможното да го направат возможно. Кај нас доаѓаат деца од четири години, а често остануваат во „Еурека“ и до 20-та година. Досега во студиото членувале околу 3.000 членови, а тоа се исто толку среќни, задоволни и насмеани лица. Јас и мојот тим успешната приказна, се надевам, ќе ја реализираме уште долго, барајќи го совршеното движење, некогаш направено и со подадена рака. Во светот на различности и нееднаквости, каде единствената константа е промената, ние сите во „Еурека“ посакуваме да бидеме позитивната промена во многу животи – вели уметничката директорка на танцовото судио Катерина Јолакоска, која е и автор на претставата „Рефлексија“.

Кореографијата е колективно дело на: Јана Андрејевиќ – Лазарова, Андријана Атанасова, Ања Јолакоска, која ја толкуваше и главната улога, Стефани Кралевска, Елена Чекова, Теодора Јолакоска и Тамара Богатинова. Дел од тимот на „Еурека“ се и Јелица Салтирова дефектолог и Даниела С. Кочијева, педагог.За светлото се погрижи Милчо Александров.

Наскоро членовите на „Еурека“ заминуваат во Црна Гора, на седумдневен летен камп, по што сигурно ќе бидат подготвени за освојување на уште многу награди и признанија.