Здрава храна

Уште Старите Римјани верувале дека плодовите на црешата даваат енергија и сила. Ова вкусно овошје го има во овој период на нашите пазари, па прочитајте неколку совети поврзани со неговото купување и информации за неговата нутритивна вредност.
Најдобро е црешите да ги купувате со петелки, а плодот да има изразито црвена боја. Кожичката да биде сјајна и да не биде плодот оштетен. По купувањето, најдобро е да ги чувате во фрижидер, каде што ќе траат приближно една недела. Тиаминот, рибофлавинот и витаминот Б6, кои ги има во црешите, се од витална важност за метаболизмот и за претворањето на храната во енергија.
Во плодот на црешата има и 10 проценти вода, целулоза, пектин, органски киселини, витамин Ц и каротин. Ова вкусно овошје е богато со калиум, а сиромашно со натриум, што поволно дејствува на излачувањето на водата од организмот. Енергетската вредност на 100 грама цреши е само 60 калории, па затоа може да се зема како ужина или како замена за оброк кај лицата со зголемена тежина.
Црешите им ја должат темноцрвената боја на антоцијаните и антиоксидантите, кои штитат од слободни радикали, кои, пак, се поврзуваат со дегенеративните болести како очно перде, Паркинсонова болест, артеросклероза, а го забавуваат и процесот на стареење.
Истражувањата покажаа дека 20 цреши имаат поголем ефект од „аспирин“, а се сметаат и за избор на елементот бор, што во комбинација со калциумот и магнезиумот поволно влијае на здравјето на коските.
Црешите имаат низок гликемиски индекс, па се добри и за дијабетичарите и го намалуваат нивото на шеќер во крвта, а корисни се и за превенција на карцином на дебелото црево.
Флавоноидите од црешите имаат противвоспалителни својства, кои ги ублажуваат симптомите на алергиите и на астмата, а го јакнат и колагенот, протеин клучен за здравјето на кожата, коските и на сврзувачките ткива.