Меѓу многубројните песни на Соклевски се и: „Две лири“, „Чалгиска“, „Прстен за неа“, „Не ми било судено“, „Немој, Ратке“, „Старо друштво“, „Душата ми е во Битола“, „Еј, Битола“, „Еј, соколе“, „Метро и жилет“, „Визба стара и гитара“…

„Битолски весник“ го награди текстописецот Валентин Соклевски

На 22-та манифестација „Избираме најуспешни битолчани“, во организација на најстариот неделник во државата, „Битолски весник“, им беа доделени 35 признанија на најуспешните битолчани, кои со своите резултати и успеси минатата година се афирмираа себеси, но ја афирмираа и Битола. Исто така, беше доделено и признанието „Ајри Демировски“, во спомен на авторот на песната „Битола мој роден крај“, за животно дело и за трајни вредности, за луѓе што целиот свој работен век му го посветиле на својот град.
Годинашен добитник е познатиот битолски текстописец и композитор Валентин Соклевски, автор на песната „Душата ми е во Битола “, посветена токму на Ајри Демировски. Во неа се пее за неговиот живот во Истанбул, а подоцна и во Измир, за неговата носталгија по заминувањето од Македонија.
Оваа песна, која ја изведува познатиот битолски интерпретатор Сефедин Бајрамов, битолчани постојано ја пеат на разни свечености. Таа веќе долго време е најопеаната песна во Битола, секако по „Битола мој роден крај“.
Валентин Соклевски е текстописец, игроорец, уметнички раководител, кореограф, автор на сценски презентации и кореографски поставки во областа на традиционалната музика и игра, како и автор на кореографии во областа на модерните танци и театарски претстави.

Плоден текстописец

Автор е на над 300 промовирани текстови за народни, забавни и детски песни снимени на носачи на звук, аудиокасети, лонгплеј-плочи, цедиња, дивиди-изданија… Во огромната збирка на негови песни би ги наброиле: „Две лири“, „Чалгиска“, „Прстен за неа“, „Не ми било судено“, „Немој, Ратке“, „Старо друштво“, „Душата ми е во Битола“, „Еј, Битола“, „Еј, соколе“, „Метро и жилет“, „Визба стара и гитара“, „Супербабичка“, „Белчо Црниот“, „Тетка Деса стјуардеса“, „Христос се роди“, „Родителска љубов“, „Добро утро, Битола“, „Фала мајко што ме роди“, „Бељот Ромбељот“, „Ако може“, „Животот и јас“, „Ѓурѓовден“, „Жаклина“, „Ех, да можам душата да ја откорнам“, „Ема“, „Ана“, и многу, многу други.
Како што вели, негова вечна тема се Битола и битолчани, а лично најмногу се гордее со песната напишана за Ајри – „Душата ми е во Битола“, во која на најдобар начин ја опиша неговата носталгија за родниот град, кој толку многу го сакаше.
– Инспирацијата за пишување на оваа песна ја добив откако во едно интервју во 2007 година, Ајри Демировски раскажуваше за тоа како се чувствувал кога ја напуштил Битола и кога на железничката станица морал со тешко срце да се збогува со родниот град. Благодарение на композиторот Миодраг Неќак и интерпретаторот Сефедин Бајрамов, денес оваа песна ја знаат и ја пеат сите битолчани – вели Валентин Соклевски.
Овој плоден текстописец соработувал со голем број композитори, меѓу кои се: Кире Костов, Григор Копров, Љупчо Трајковски-Фис, Николче Мицевски, Кире Стојчевски, Раде Стаматов, Гоце Димитровски, Хари Котларовски, Борче Шабановски и многу други. Негови песни интерпретирале: Каролина Гочева, Сефедин Бајрамов, Мерима Његомир, Ален Славица, Милан Бабиќ, Драгица Радосавлјевиќ Цакана, Зоран Ванев, Наум Петрески, Горан Кукиќ, Гоце Арнаудов и многу други.
За издвојување е неговиот опус на народни песни во староградски дух посветени на Битола. Инспириран од историјата, архитектурата, традицијата, занаетите во Битола, животот, менталитетот, карактерот на битолчани, Валентин Соклевски создаде над 50 текста, односно композиции, од кои еден дел се во трите веќе реномирани и афирмирани проекти, и тоа: „Еден ден во Битола“ (2005), „Душата ми е во Битола“ (2007) и „Мојата песна“ (2010). Автор на музиката во овие проекти е неговиот соработник Миодраг Неќак.

Учесник на голем број фестивали

Неговите дела се изведувани од голем број познати интерпретатори и изведувачи, а учествувал речиси на сите фестивали во Македонија. Од многубројните награди и признанија за композициите каде што Валентин Соклевски е автор на текст се: гран при за најдобра композиција и награда за најдобар текст на фестивалот „Интерфест“ во 1994 година за композицијата „Не ми било судено“, текст Валентин Соклевски, музика и аранжман Миодраг Неќак; прва награда на „Тетовски филиграни“ во 1998 г. за композицијата „Ѓурѓовден“, текст Валентин Соклевски, музика Милко Лозановски; прва награда од публиката „Сидо“ во 1991 г. за композицијата „Супербабичка“, текст Валентин Соклевски, музика и аранжман Миодраг Неќак; награда за најдобар текст „Сидо“ во 1993 г. за композицијата „Метро и жилет“, текст Валентин Соклевски, музика и аранжман Миодраг Неќак; награда за најслушана песна од фестивалот „Сидо“ од 1994/1995 за композицијата „Визба стара и гитара“, текст Валентин Соклевски, музика Марјан Неќак…
Автор е на телевизиската серија „Здраво, генијалци“, емитувана на програмите на МРТВ, за чии потреби Валентин Соклевски создаде 32 текста за деца, како и на дваесетина текста за најновиот музички серијал за деца „Дајте музика“, кој е емитуван на МРТВ.