Чарли Шин, најпознат по улогата на Чарли во серијата „Два и пол мажи“, наскоро ќе се врати на малите екрани, дознава „Пејџ сикс“.
Актерот, кој се нема појавено пред камера од 2017 година, освен во некои мали споредни улоги, почна да снима пилот-епизода за серијата, напишана и продуцирана од креаторот на серијата „Придружба“, Даг Елин.
Елин и Шин очигледно станаа пријатели кога Елин го донесе Шин како гостин во неговото шоу „Виктори Д поткаст“ минатата година, а за време на шоуто тој навести дека со Шин смислуваат заеднички проект. Елин потоа рече дека му дал на Шин некои идеи за серија што треба да ги разгледа и дека сака да го вклучи и таткото на Чарли, Мартин, во шоуто.

Шин неодамна навести дека работи со Елин, кога објави слика на Инстаграм од него и уште двајца актери со опис: „Епски прв ден со моето ново ‘второ’ семејство“.
За потсетување, Шин неславно ја напушти својата феноменално успешна ТВ-кариера во 2011 година, кога започна јавен напад врз Чак Лоре, креаторот и извршен продуцент на хит-серијата „Два и пол мажи“. Шин, кој има долгогодишни проблеми со злоупотреба на супстанции, беше отпуштен и набргу потоа даде серија бизарни телевизиски интервјуа. На негово место во серијата дојде Ештон Качер, а Шин се посвети на други, помалку успешни проекти.