Секоја трка е посебно искуство и посебен сплет на емоции. Трките, исто така, се истовремено и крај и почеток. Крај на целиот пат до резултатот и нов почеток кон нов обид за себенадминување, истакнува Пешовски

Иван Пешовски, тркач и полумаратонец

Иван Пешовски освои трето место на полумаратонот на Скопскиот маратон минатата година, во македонска конкуренција. Неодамна го освои третото место на 10.000 метри на националното првенство, а пред една недела заврши втор на атлетски митинг, отворање на сезоната, на 3.000 метри. Трчањето е дел од неговото секојдневие, трките се забавниот дел, а освоените титули награда за потта и часовите поминати на патеката.
Деновиве, Пешовски и уште 1.299 учесници се подготвуваат за трката в недела „Халк еко Скопје трча 10к“, со која се прогласува за отворена уште една тркачка сезона.

Кога почна вашата приказна со трчањето и какви се вашите досегашни искуства?
– За мене приказната со трчањето почна во 2011-та, кога случајно на интернет прочитав дека во Скопје ќе се одржува Скопскиот маратон. Оттогаш секоја година трчам на оваа трка и засекогаш ќе ми остане како најдрага. За позначајни искуства низ годините би издвоил неколку настапи за репрезентацијата на балкански и светски првенства во планинско трчање и европски куп на 3.000 м стипл.

Што е за вас најважно за да стигнете до целта и да се качите на подиумот: волјата, мотивацијата, континуитетот, интензивните тренинзи…?
– Конзистентноста е клучот за напредок. Нормално, потребна е мотивација што сите ја имаме, но не ни е секогаш на највисоко ниво. Кога мотивацијата знае да се намали, тогаш е битно да останеме посветени и конзистентни затоа што тоа секогаш ни враќа позитивно подоцна кога наближуваат трките. Исто така, потребно е и правилно планирање на тренажниот процес за да се избегнат повреди, правилно комбинирање на интензивните тренинзи со полесните тренинзи за да напредуваме, но истовремено и да не се изложиме на ризик од повреда што би ни ја нарушила конзистентноста, која е многу битна во овие дисциплини.

„Скопје ран“ е на прагот. Како се подготвувате и со кое време планирате да ја прегазите целта?
– „Скопје ран“ е еден прекрасен настан што за мене ќе го означи крајот на пролетниот дел од сезоната, од кој сум презадоволен. Ги подобрив личните рекорди на полумаратонот во Берлин (1:12:30) и на 10.000 м на националното првенство (33:02). Во последните денови ја намалив неделната километража што ја градев како дел од тренинг-блокот за полумаратонот во Берлин, истовремено држејќи го интензитетот на некое ниво за да биде телото свежо, но и подготвено на стартот в недела за да го поднесе интензитетот на трката.
Целта како и на секоја трка ми е подобрување на личниот резултат, се надевам дека ќе истрчам под 33 минути.

Трчавте и на полумаратонот во Берлин. Какво беше чувството да се биде дел од берлинското стампедо?
– Полумаратонот во Берлин е најмасовната и најубава трка на која досега сум учествувал. Веднаш по Скопскиот маратон во октомври минатата година почнав со подготовки, со цел да истрчам 1:12 во Берлин. Патеката добро ја имав проучено и ја имав истрчано стотици пати во главата пред трката. За време на трката пробував да останам релаксиран и под контрола и да верувам во сиот тренинг што го имав вложено. Навистина беше прекрасно да се трча во група со дваесетина тркачи што целеа на сличен резултат, додека од страна нѐ бодреа илјадници луѓе по должината на патеката.

Што претставуваат за вас трките?
– Трките се тоа што ме движи напред во трчањето и тоа што ме држи посветен и мотивиран. Секоја трка е посебно искуство и посебен сплет на емоции. Трките, исто така, се истовремено и крај и почеток. Крај на целиот пат до резултатот и нов почеток кон нов обид за себенадминување.

Дали трчањето е составен дел од вашата дневна агенда?
– Трчањето веќе е дел од мене. Толку сум навлезен во овој спорт што веќе ми е рутина без која не можам да го поминам денот и е битен дел од мојот живот. Тоа што ме држи мотивиран е желбата за себенадминување и подобрување на моите лични рекорди. Се обидувам да гледам на големата слика и на целите што ги имам зацртано и кои би сакал да ги постигнам, па така, помалите разочарувања и неуспеси што се неизбежен дел од секој спорт не дозволувам да влијаат на мојата мотивација.

Што повеќе ви го крева адреналинот, долгото трчање или спринтот?
– Долгото трчање, дефинитивно! Уживам во полумаратоните како моја омилена дисциплина и целам на деби-маратон за две-три години откако ќе ги постигнам саканите резултати на пократките дистанци, се надевам. Во подалечна иднина би сакал да трчам и планински ултрамаратони.

Трките последниве години се предизвик на многу рекреативци и професионалци. Како гледате на зголемувањето на бројот на тркачи, на што се должи тоа?
– Последниве години забележуваме промена во менталитетот кај нашиот народ кога е во прашање трчањето. Дел се должи и на тоа што многу луѓе сакаат да ги следат трендовите. Ме радува тоа што сѐ повеќе трчаат рекреативно, но и сѐ повеќе луѓе трчаат добри резултати. Конкуренцијата е на највисоко ниво откако јас сум во атлетиката во Македонија. Како резултат на тоа се трчаат сѐ подобри резултати од година на година. Се надевам дека овој тренд ќе продолжи и ќе продолжиме да се „буткаме“ едни со други за да бидеме подобри. Здравата и добра конкуренција со себе носи само позитивни ефекти.