Видеозаписот за ,,Божиќна серенада“, како шести по ред традиционален божиќен подарок од Бигорскиот манастир и Бадникови поворки, беше премиерно прикажан на големиот христијански празник Божиќ. Овој видеозапис ја оживува серенадата преку една прекрасна божиќна песна, која на најубав начин ги покажува православната традиција и семејните вредности на македонскиот народ. Низ една филмска приказна нѐ враќа во минатото на Битола, градот што ја има серенадата како дел од својата културна традиција.
Божиќната серенада во себе го носи специфичниот богат византиски мелос. Ја пееле возрасните коледари, кои оделе од куќа до куќа и весело ги повикувале домаќините да одат во црква, таму да го прослават Раѓањето Христово и потоа да го понесат големиот благослов дома.
Екипата што со благослов на владиката Партениј го оствари овој духовно-културен проект ја сочинуваат: режија – Дејан Пројковски, Горан Наумовски, директор на фотографија – Горан Наумовски, камера – Стојан Стојановски продукција – „2С студио“.
Од пејачите учествуваат Лозано, Димитар Андоновски, Никола Перевски-Пере од „Нокаут“ и Стефан Филиповски од „Некст тајм“, а од актерската екипа: Никола Стефанов, Благица Пупуноска, Ања Сливоски, Соња Михајлова, Митко С. Апостоловски, КУД „Илинден“ од Битола и многу статисти.
Снимањето, миксањето и мастерингот беа во студиото „Алшар“.