Легендарниот лидер на групата „У2“, Боно Вокс, откри дека има полубрат за кого дознал многу подоцна, кого неговиот татко го добил со друга жена. Во разговорот за Би-би-си радио 4, тој споделил повеќе детали.
– Имам уште еден брат, кого го сакам и обожавам, а за кого долго не знаев дека постои. Татко ми имал длабоко пријателство со една прекрасна жена, со која добил дете, но тоа се чувало во тајност – рекол 62-годишниот Боно.
Ирис, мајката на пејачот, која починала во 1974 година не знаела за вонбрачниот син на мажот ѝ, а Боно тоа го дознал дури во 2000 година. Веднаш поразговарал со татко си, со кого инаку има комплициран однос.

– Го прашав дали ја сакал мојата мајка, а тој потврди. Ми рече дека тоа едноставно се случило. Не се извинуваше, само рече дека тоа е факт, а тој се трудел некако да го поправи тоа. Јас едноставно се помирив со тоа, но често размислував низ што сѐ поминал, бидејќи главата му била на едно, а срцето на друго место – вели тој.
Пејачот, кој има и роден брат Норман, додал дека мајка му починала кога имал само14 години од аневризма на мозокот, но оваа загуба немала големо влијание на неговото семејство.

– Ми помогна и тоа што јас набргу пронајдов уште едно семејство, групата „У 2“ – вели славниот музичар.
Боно најавил излегување на неговата автобиографија до крајот на годинава.
Тој и неговата група „У2“ се прославија во 1980-тите, а денес е еден од најголемите рок-бендови на светот. Тој напишал голем број хитови, меѓу кои и: „Vertigo“, „Beautiful Day“, „One“, „With Or Without You“, „I Still Haven’t Found What I’m Looking For“… Познат е и како борец за човекови права. Во 1997 година, „У2“ одржа концерт во разурнатото Сараево, кога ја изведе и песната „Мис Сарајево“, која Боно ја напиша во 1995 година, заедно со Брајан Ено.