Видеото за песната „Bohemian rhapsody“ на групата „Квин“ на Јутјуб достигна гледаност од над една милијарда и на тој начин стана новиот рекордер, односно стана првиот спот постар од 1990 година што ја поминал оваа бројка. Видеото е објавено на Јутјуб во 2008 година.

– Фактот дека нашата музика и понатаму има толку големо влијание е неверојатно и ние ви благодариме за тоа – објавија членовите на „Квин“ на официјалната фејсбук-страница, а на обожавателите им подарија нова хаде-верзија на видеото.
Спотот за „Bohemian rhapsody“ беше премиерно прикажан на 20 ноември 1975 година во емисијата „Топ оф д попс“ и генерално се смета за прв промотивен музички видеоспот. Инспириран е од корицата на албумот „Queen II“, а е во режија на Брус Гуерс. Снимањето траело само три часа. Со истото име лани премиерно беше прикажан филмот за животот на пејачот на „Квин“, Фреди Меркјури. Очигледно филмот има голем удел за гледаноста на спотот на Јутјуб, а филмот ја доближи музиката на „Квин“ до новите генерации.