Бенин било моќно кралство, кое се наоѓало во југозападниот дел на денешната држава Нигерија. Ова древно кралство нема никаква поврзаност со модерната африканска држава Бенин, која во минатото се викала Дахомеј. Бенин била една од најстарите и најразвиените држави во Западна Африка. Државата започнала да се развива во 11 век од страна на африканскиот народ познат како Едо или Бенин.
Политичко и културно јадро на државата бил градот Бенин, кој имал скромни почетоци. Се оформил како град-држава, со тврдина што била заштитена со ровови и ѕидови. Споменатиот град бил бастионот од каде што народот Едо ги започнал своите воени походи и ги проширил границите на државата.
Со зголемувањето на политичката моќ на државата, градот Бенин започнал да се трансформира во африкански економски и културен центар. Истражувањата покажаа дека била подигната палата за кралевите, а бил изграден и внатрешен бедем, кој бил долг околу 11 километри. Се верува дека во изградбата учествувале околу 1.000 работници. Археолошките истражувања покажаа дека градот имал и девет утврдени порти.
Понатамошните истражувања укажаа дека во внатрешноста на државата постоела рурална мрежа од земјени ѕидови, со должина од околу 10.000 километри. Нивната градба траела неколку века, а се верува дека биле подигнати за да ги одредат териториите на локалните градови. Бенин со своето богатство и моќ започнал да ги привлекува Европејците, а меѓу првите што пристигнале биле португалските трговци и истражувачи.

Бенин доминирал во трговијата, целото крајбрежје од западната делта на Нигер до територијата на денешна Гана било под контрола на оваа стара африканска држава.
Во Бенин се развила специфична уметничка култура, која се одликува со артефакти изработени од железо, бронза и слонова коска. Меѓу нив има голем број бронзени глави во природна големина, кои ги претставуваат владетелите или членовите на кралското семејство.
Археолошките истражувања покажаа дека во Бенин постоело религиозно жртвување луѓе. Жртвувањето било составен дел од државната религија, меѓутоа истражувачите веруваат дека ритуалот на жртвување луѓе бил ограничен. Луѓето биле жртвувани во текот на годишен ритуал посветен на богот на железото. Исто така му биле жртвувани мажи, жени, кози, крави и овни на богот на смртта, кому му бил посветен посебен олтар во центарот на престолнината.  Жртвувањата се забележани до крајот на 18 век.
Во текот на 17 век, политичката моќ на Бенин започнала да опаѓа, првенствено поради граѓанските војни и борбите за кралскиот престол. Но Бенин до средината на 19 век останал значен економски центар, кој одржувал трговија со Европејците. Во последните децении на 19 век, Бенин ги засилил својата трговија и контакти со Велика Британија, која сакала да го засили своето влијание во овој регион. Британците се обиделе неколкупати да го претворат Бенин во свој протекторат, но наидувале на отпор.
Во 1897 година британската армија започнала воена експедиција против Бенин, во текот на која престолнината била ограбена и запалена. Британските колонијални сили ја ограбиле и богатата кралска палата, а со себе однеле и голем број предмети изработени од бронза, железо, слонова коска и др. По оваа воена експедиција, Бенин престанал да постои како независна држава.