На повеќе македонски радија денеска премиерно ќе биде пуштена песната „Починка“ во изведба на „Банкрот блуз бенд“.

Мелодијата е првпат изведена на „Скопскиот фестивал“ во далечната 1976 година, а ја отпеа познатата хрватска пејачка Зденка Ковачичек. Музиката ја напиша Љупчо Константинов на текст на Блаже Конески.

По цели 30 години, Сашо Гигов – Гиш, Петар Ренџов и Игор Атанасоски – Харе, обединети во легендарната македонска група „Банкрот блуз бенд“, се собраа повторно за да му оддадат почит на големиот Блаже Конески.

– Сакавме и ние да дадеме свој придонес во одбележувањето на 100 годишнината од раѓањето на великанот Конески со убава македонска песна! Нашата обработка на неговата „Починка“ е во нашиот, препознатлив блузерски стил. Аранжманот го направи Игор Атанасоски – Харе, а продукцијата е на Мите Димовски – студио „Тралала“- велат познатите музичари, кои оставија неизбришлива трага во македонската популарна мзуика.

По заедничкиот концерт по 20 години пауза, што се случи во септември 2020 година во Куршумли ан, во рамките на скопскиот „Блуз и соул фестивал“, тие на радост на голем број нивни обожаватели и музички сладокусци, повторно се активни. Зад нив се веќе неколку настапи низ Македонија, првиот беше во Кичево, а следуваат концерти во Битола, Охрид, Струмица… Очечувано секаде атмосферата е фантастична, па токму затоа се надеваме дека оваа обработка на „Починка“ е само почеток на создавање на нов музички материјал на „Банкрот блуз бенд“. М.Т.