Главниот град на Шведска, Стокхолм, кој веќе е прогласен за светска престолнина на музичкото поп-наследство со музеј посветен на групата „АББА“, наскоро ќе стане омилена дестинација и за љубителите на електронската музика. Причина за тоа е што во завршна фаза е отворањето на музејот посветен на славниот шведски диџеј Авичи, чие вистинско име е Тим Берглинг.
Четири години по смртта на големата музичка ѕвезда, градот се подготвува за отворање на „Авичи експиријанс“, што ќе се случи на 26 февруари. Станува збор за интерактивен музеј, а изложбата ќе содржи фотографии, видеа, лични предмети и досега необјавена музика и ќе се обиде да ја раскаже приказната за тоа како Авичи стана славно светско име.
Кураторите велат дека изложбата ќе го следи животот на Берглинг од повлечена музичка „бубалица“ до прославена суперѕвезда, од собата на неговото детство, каде што сè започна, до студијата во Лос Анџелес каде што се направени најголемите хитови. Освен музејот, тој ќе добие и споменик во луксузниот кварт Остермалм, каде што е роден, израснат и каде што одел на училиште. Тим Берглинг, познат по хитовите „Levels“, „Sunshine“ и „Wake Me Up“, се самоуби во Оман во април 2018 година, на 28 години. Тој престана да настапува во живо во 2016 година, но продолжи да снима музика и да работи како продуцент.