Пред девет години, Македонската радио-телевизија амбициозно почна со дигитализација на богатата национална ризница. „Би било жално да дозволиме да исчезне минатото на националниот сервис. Без првите проекти, без почетоците, без првите запаметени мигови нашата куќа нема историја“, изјави своевремено Марјан Цветковски, тогашен извршен директор на МРТ. И што се случи, целиот проект што почна еуфорично „се загуби во преводот“.
Деновиве на социјалните мрежи има голем број реакции дека „постои опасност за неколку години да станат неупотребливи поголем дел од видеолентите што се чуваат во архивата на МРТ и треба што побргу да се дигитализираат“. Исто е и со фонотеката и со нототеката.
И додека нашата запишана историја и важни моменти за земјата од сите домени исчезнуваат пред нашите очи, сегашното раководство на Македонската радио-телевизија реагира дека во моментот куќата нема пари да го заврши овој проект.
– Дигитализирана е само една третина од архивата, а уште две третини чекаат да бидат дигитализирани. Тој процес приближно би чинел околу два милиони евра, но МРТ ги нема тие пари – вели раководството на МРТ.
Направени се напори да се обезбедат средства и преку Европската радиодифузна унија (ЕБУ), во која членува МРТ, но засега без успех. По сѐ изгледа членството во ЕБУ ни е важно само за учество на „Евровизија“, кое МРТ го плаќа со огромни суми секоја година.
Но пари за зачувување на нашите траги во ова по многу нешта погубно време за нашата земја, едноставно мораат да се најдат и тоа треба да го обезбедат највисоките државни инстанци. Сѐ е минливо и надоместливо, технологијата, опремата, кадрите…, но архивата не може да се замени, да се врати, да се ресоздаде. До кога на нашите наследници ќе им оставаме само празни страници?

Во архивата на МТВ е историјата на Македонија

Никола Т. Калајџиски, долгогодишен новинар во МРТ и неуморен автор на документарни филмови, неодамна на социјалните мрежи објави текст насловен „Аларм“, за состојбата во која се наоѓа архивата на неговата матична куќа.
– Од забот на времето и од несоодветната грижа-негрижа е загрозена целокупната архива на Македонската радио-телевизија, како и нејзината севкупна работа безмалку на сите креативни авторски програми. Долги години таа се уништува пред очите на менаџментот, кој со прст не мрдна за нејзино зачувување според стандардите на ЕБУ и сноси целокупна одговорност за севкупните состојби во куќата. Нашите колеги Кире Панчевски, Аце Ристевски и Дилавер Мустафа, како и Софија Макриевска и Драгица Лазаревиќ долги години предупредуваа на ова. Благодарение на нив, дел од играните, документарните, образовните, музичките, дебатните, спортските, како и други програми се дигитализирани, но тоа е само капка во океанот. Во архивата на МТВ е историјата на Македонија. Ова е последен миг да се стори нешто. Запалено е црвеното светло. Аларм и тревога и апел да ѝ го вратиме достоинството на МТВ! Да кренеме глас и повик за спас и да ѝ ја вратиме гордоста повторно да биде тоа што беше некогаш. Куќа со лојални професионалци и еснафи во професијата. Со посветени луѓе за кои треба да е чест да бидат дел од нејзиниот тим. Ние немавме работно време со отчукување картичка и седење во редакциите. Ние создававме програма на терен и стигнувавме секаде. Македонската телевизија е нашиот образ, наша гордост и наш срам од она што политиката ѝ го направи – апелира Никола Т. Калајџиски.

Емисии на МРТ на приватни телевизии

Љубица Буралиева, поранешна новинарка во МРТ и бивша пратеничка, посочи дека архивата на Македонската телевизија во континуитет, со години се изнесувала, особено по појавата на приватните телевизии и слабеењето на финансиската моќ на куќата.
– Многу е зборувано за значењето на ТВ-документацијата на јавниот сервис, чиј основач е Собранието на Република Македонија. Таа е документирано сведоштво за постоењето и функционирањето, прво на една федерална единица на некогашната СФРЈ, потоа на осамостојувањето на државата, па сѐ до денешен ден. Беше тоа архива на битни случувања од национално значење што само јавниот сервис МРТВ го имаше и за што се грижеше цела служба. Во рамките на оваа, пред сѐ информативна куќа со повеќе редакции, имаше оддел со име ТВ-документација, а бројот на вработените не беше мал. Работеа во две смени, од 7 до 22 часот, постојано на услуга на новинарите и на другите креативни кадри. Со текот на времето, особено по осамостојувањето на државата, бројот на вработените се намалуваше, нови кадри не се примаа. Тоа го покажуваше несериозниот однос кон оваа служба, не само на одговорните туку и на државата. Никој веќе немаше увид во чувањето на таа вредност. Можеби еден или двајца, кои знаеја точно како и кој материјал може да се пронајде и под која шифра. Деновиве се обидов, официјално, да побарам снимка од Саемот на книгата во Софија, ми беше потребнa како сведоштво за тогаш реченото, и ми посочија да го побарам веќе пензионираниот од службата. Што ви кажува тоа, мене многу – вели Буралиева.
Таа нагласи дека со општествените промени и појавата на нови телевизиски куќи се случувало на нивните програми да се емитуваат материјали, цели емисии создавани токму во МТВ.
– Како е изнесен, како е даден овој материјал не знам. Меѓу вработените беа и се присутни дилемата и сомнежот за патот на создаденото како сопственост на МРТ. На овој начин, веројатно, заминувале и значајните материјали, документи од ТВ-документацијата, сопственост на јавниот сервис. Исто така, со нечувањето на технологијата, многу важни емисии од сите области, кои се ретки документи со државно значење, не можеа да се пренесат на нови носачи. МТВ во континуитет за тоа немаше средства, но, според мои неофицијални сознанија, приватните продуценти што израснаа во МТВ можеа да го направат тоа – ни рече Љубица Буралиева.

Неопходна е национална стратегија за дигитализација

За алармантната состојба во Македонската радио-телевизија цели 20 години опоменува, но и дејствува долгогодишниот новинар и уредник во МРТ и познат музиколог Марко Коловски.
– Веќе со извесна мака зборувам и пишувам за состојбата на аудиоархивите во МРТ. Тоа го правам дваесетина години, сум подготвил и доставил и детални планови за тоа (2007, 2012 на пр.), сум укажал на погубните ефекти од непреземањето ништо во смисла на заштита на она врз што, меѓу другото, почиваат Македонија и нејзината култура, но ефектите од сето тоа главно биле – нула. Во меѓувреме, аналогните носачи на звук (лентите) се сушат или се веќе исушени, стануваат неупотребливи и со нив исчезнува секојдневно дел од нас, од нашата „национална супстанција“. Ете, затоа сум фрустриран и мачно ми е да зборувам за ова. Но – по сѐ изгледа, тоа мора да се повторува. Значи, неколку десетини илјади снимки реализирани главно во тогашната Музичка продукција на МРТ (сосема мал број во другите тогашни југословенски студија) се или веќе уништени, или пред уништување. Исто така, илјадници исто толку вредни материјали во фонодокументацијата на МРТ во која се зачувани портрети, искази, прикази, дела на сите великани на македонската култура воопшто. За ова, како што реков, иако не сум бил (нај)повикан, сум укажувал, пишувал, доставувал дури и конкретни материјали за начинот на нивно чување (дигитализирање, „миграција“ и сл.), укажувајќи, патем и на важноста на тој чин, како и на одговорноста заради непостапување на оние што требало да постапуваат. За жал, состојбата денес е речиси немрдната од место. Во Македонската телевизија колку-толку нешто е направено, што дава барем некаква надеж дека работите можеби ќе мрднат, но во фонотеката на МРА, во која се чува и фонодокументацијата, како и во нототеката на некогашната Музичка продукција, во која исто така се чуваат партитури што ги нема на друго место, речиси и да не е мрднато од место. Сосема ситните, парцијални, несистематизирани обиди што ги правиме неколкуте соработници во музичката и документарната програма на Радиото, како резултат на што еден мал број (не повеќе од 10 проценти) од овој материјал е префрлен во серверите за секојдневна програмска употреба е капка во море. Освен што не е дел и од еден систематизиран, стандардизиран, нормиран процес – посочува Коловски.
Тој се прашува што ќе се случи во иднина, бидејќи за неколку месеци ќе замине во пензија, како и голем број други ентузијасти, кои целиот работен век го вложија во просперитетот на оваа куќа.
– Важно е што не се манифестира свест за важноста на овие фондови или подобро – за погубноста од нивното самоуништување. Не се овозможуваат ниту елементарни кадровски услови за реализирање дури и на редовната програма, а да не зборуваме за вакви, да ги наречам – од аспект на програмата логистички, а од аспект на земјата и нејзината култура – фундаментални процеси. Со неколку колешки што се ем свесни за важноста ем едуцирани и професионално кадарни да се зафатат со изработка на стратегија за дигитализација во целата музичка култура кај нас (Бранка Костиќ-Марковиќ, Весна Мајановска, Елени Новаковска и др.) разговаравме и решивме да го подигнеме прашањето на повисоко рамниште: Министерство, Влада, Собрание. Но работите што се случуваа последниве месеци по малку „нѐ изместија“. Се надевам дека иницијативата за изработка на национална стратегија за дигитализација (во случајов за музиката, но и за другите дејности) ќе се ревитализира. И дека таа ќе биде основа за натамошни оперативни постапки. Дотогаш, јас со неколку мои колешки ќе продолжам да работам на проектот на Дигиталната архива на македонската музичка критика. Зашто, периодиката од 1935 (или од 1945) година е исто така пред уништување и неверојатно важни текстови, интервјуа, есеи на видни македонски културни дејци нема веќе да ни бидат достапни никако. Ова – само како апел дека заштитата преку дигитализација треба да ги опфати сите сфери на културата – вели Марко Коловски.

Континуирана незаинтересираност на раководството

Љупчо Мирковски, познат музичар, диригент и доскорешен директор на Музичката продукција на МРТ, која, за жал, веќе ја нема, како ни петте оркестри во оваа куќа, исто така со години апелира да се стори нешто за заштита на музичкото наследство, кое пропаѓа во архивите на Македонската телевизија.
– Нототеката на МРТ е архив на сето она што е музика напишана од сите композитори и аранжери од времето кога е оформено Радио Скопје, но и пред тоа. Тука се наоѓаат народни, забавни, хорски и класични дела напишани од многу автори, кои создавале за оркестрите на радиото и подоцна за телевизијата, но и за други оркестри низ поранешните југословенски републики, но и за оркестрите надвор од тогашна Југославија. Во моментов, нототеката се чува и се наоѓа во апсолутно несоодветни услови и логично е што едноставно сите дела што значат историја на македонската музика се распаѓаат, избледуваат и ги снемува. Тоа е исто како Архивот на Македонија едноставно да загуби документи што се од исклучително значење за државата воопшто. Во услови на техничката совршеност на 21 век, а поведени од тоа да зачуваме сѐ што значи музика во и од Македонија, напишана од Драган Ѓаконовски-Шпато, Александар Џамбазов, Љубомир Бранѓолица, Ристо Аврамовски, Глигор Смокварски, Благоја Десковски и уште многу автори дури и пред споменатите, јас и Љупчо Трајковски-Фис се обидовме да направиме нешто што не доликува на времето во кое живееме, донесовме скенер од дома и се обидовме да пресликаме дел од делата што скапуваат во нототеката на МРТ, но без успех затоа што едноставно немаме толку голем скенер колку што се големи партитурите. Потоа некако ги намоливме луѓето од техника да ни направат еден кабел, кој го чекавме три месеци, за да ни дадат и еден магнетофон да можеме да префрлиме некои снимки од двоканални ленти на компјутер, затоа што и лентите почнаа да се кинат. Побарав и еден надворешен хард диск за да ги зачуваме и нотите и музиката, но ни беше кажано дека едноставно – нема хард диск. Незаинтересираноста на раководствата на МРТ за нототеката не е само од актуелниот директор и тие околу него туку и од претходните. Инаку, сите партитури се пишувани со молив, а моливот бледее по 70 години изложеност на милост и немилост. Дефинитивно, со ова што се случува, покрај оркестрите на МРТ го губиме и огромниот број ноти напишани од многу автори од почетокот на создавањето на македонската музика – ни рече Љупчо Мирковски.