Последиците по инцидентот на „Оскарите“ сѐ поригорозни

Американската академија за филмски уметности и науки соопшти дека ја прифаќа оставката на актерот Вил Смит, пренесоа медиумите.
– Ние ќе продолжиме со нашата дисциплинска постапка против Смит за прекршување на стандардите на однесување на Академијата. Во тек е дисциплинска постапка за прекршување на стандардите на однесување на Академијата, пред следниот состанок на одборот закажан на 18 април – наведе Дејвид Рубин, претседател на Академијата, во пораката испратена до „Пипл“.
Изјавата дојде веднаш по соопштението на Смит дека ја напушта оваа професионална организација, потег што беше очекуван по оскаровската шлаканица што предизвика лавина негативни реакции.
– Ја изневерив довербата на Академијата. На другите номинирани и победници им ја ускратив можноста да слават и да бидат прославени за нивната извонредна работа. Го повлекувам моето членство во Академијата и ќе ги прифатам сите идни последици што одборот ќе ги смета за соодветни – додаде тој. Признавајќи дека неговиот чин ја засени наградната церемонија.
– Списокот на оние што ги повредив е долг и ги вклучува Крис, неговото семејство, многу мои драги пријатели и најблиски, сите присутни и светската публика – стои во изјавата на актерот.
Оставката на актерот дојде по инцидентот на доделувањето на „оскарите“ кога тој стана од публиката и му удри шлаканица на Крис Рок на сцената. Водителот се пошегува на сметка на сопругата на Вил, Џејд Пинкет Смит, која ја спореди со Џи Ај Џејн, хероина од истоимениот филм, која во 1997 година ја глумеше Деми Мур со избричена глава. Продуцентот на најголемиот холивудски спектакл, Вил Пакер, откри дека полицијата била подготвена да го уапси Смит веднаш по инцидентот, но Рок не сакал ништо да се презема.