Фото: Маја Јаневска-Илиева

Слично како што арапскиот свет го гледа хумусот, речиси секоја балканска држава го присвојува ајварот, популарниот намаз од зеленчук врз основа на печени црвени пиперки, како нејзин, пишува „Би-би-си“ во текстот што се осврнува на популарноста на ајварот на Балканот.

– Рецептите за ајварот зависат од регионот и од готвачот. Некои, на пример, додаваат лук, други кромид, морков и домати. Некои не го спомнуваат оцетот, но сугерираат додавање шеќер. Има различни мислења и дали зеленчукот треба да биде печен, грилуван, варен или мелен свеж. А дали ајварот ќе биде благ или лут зависи од користените приперки – се наведува во текстот на британскиот медиумски сервис.

Фото: Принт-скрин

Битката околу ајварот го прикажува и трагикомичниот сеприсутен национализам во регионот оптоварен од конфликти. Британската пејачка со потекло од Косово, Дуа Липа, го спомна ајварот како албанско јадење во интервју од 2020 година, што ги разлути Србите кои го сметаат ајварот за српски, а тоа не им се допадна на дел од Македонците кои велат дека ајварот им припаѓа на нив, забележува „Би-би-си“, додавајќи дека Србите вообичаено прават ајвар само од пиперки, додека Македонците типично додаваат и модар патлиџан.

Иако нема консензус за „вистинскиот“ рецепт за ајвар, или на која нација и припаѓа, извесно е дека домашниот ајвар се прави наесен, за време на „сезоната на пиперки“. Чуван во тегли, ајварот се смета за „зимско јадење“ иако се консумира во текот на целата година. Разновидниот специјалитет може да се користи како додаток или главно јадење, а често се служи како мезе заедно со сирење и сувомеснати производи, заклучува „Би-би-си“, истакнувајќи дека зборот ајвар е од турско потекло и оти значи „кавијар“.