„Баленсијага“ и „Адидас“ официјално ги здружија силите и претставија парчиња од заедничката колекција, за време на модната ревија за пролетта 2023 година, која се одржа во Њујорк. Манекенките на модната куќа со седиште во Париз, покрај парчињата создадени во соработка меѓу двата бренда, носеа и маски, кои целосно им го покриваа лицето.
Презентирана под името „Баленсијага/Адидас“, колекцијата има цел да ги измеша архивите на двата бренда, со намера „да ја реинтерпретира ДНК-та на секој од нив“, а инспирација се доцните 1990-ти и раните 2000-ти години. „Адидас“ ја сподели веста на својот инстаграм-профил по модното шоу на „Баленсијага“ за пролет 2023 година.
Колекцијата „Баленсијага/Адидас“ вклучува различни парчиња облека, почнувајќи од чорапи што чинат 210 долари до кожна јакна со качулка од 5.500 долари. Вклучува и низа разновидни парчиња во првенствено црни, црвени и бели палети на бои со сини и сиви нијанси. Облеката е комбинација од класичниот атлетски стил на „Адидас“ со субверзивната и спортска естетика на „Баленсијага“, вклучувајќи маици, дуксери, шорцеви, чорапи и јакни со различни логоа – главно со натписот „Баленсијага“ до логото на „Адидас“. Исто така, има мини-фустани, хеланки, фармерки со широки ногавици и пуфер-јакна. Меѓутоа, колекцијата е достапна само за ограничено време на интернет-страницата на „Баленсијага“, каде што потрошувачите можат да ги купат парчињата до 29 мај.