„Златна малина“ е признание што холивудските глумци, режисери и продуценти не сакаат да го заслужат. Всушност, ова е своевиден „оскар“ за најлоши остварувања изминатата година и е со шеговит карактер, доколку глумците имаат смисла за хумор. Наедно, тоа е и можност да се истакнат оние филмови што толку ги разочарале публиката и критичарите што заслужуваат да бидат прозвани.
Според неодамна објавените номинации за 40-то доделување на „златните малини“, меѓу фаворитите се мјузиклот „Мачки“, што многумина желно го очекуваа, комедијата „Фамилијарен погреб“, хоророт „Ловот на Шерон Тејт“.

Џуди Денч е номинирана за најлоша женска споредна улога во „Мачки“, конкуренција ѝ е Џесика Честејн за улогата во филмот „Иксмен – Црниот феникс“.
Џон Траволта е номиниран за најлош актер. Неговиот филм „Трговска боја“ не заработи ни цент на киноблагајниците, а на веб-страницата „Ротен томејтос“ доби нула препораки од критичарите и од публиката. Освен признанијата за разочарувачки филмски остварувања, годинава по шести пат ќе се додели и „златна малина“ за најдобро искупување, за глумците што со својата работа успеале да се искупат за лошите филмови во минатото. Меѓу фаворитите во оваа категорија е Џенифер Лопез.
Сѐ уште не е познато каде и кога ќе се одржи доделувањето на „златните малини“, но се знае дека првпат директно ќе се пренесува церемонијата на телевизија.