Според изборот на Кормак О’Брајан, автор на книгата „Тајните животи на американските претседатели и тајните животи на првите дами“, ви откриваме пет најнеобични анегдоти за време на над 200-годишната историја на американското претседателство

Пет необични моменти во претседателската историја на САД

Дивата инаугурација на Ендру Џексон

Ендру Џексон, првиот претседател што не доаѓал од источниот естаблишмент, ја започнал својата функција со една од најлудите инаугуративни забави досега. Во годините пред неговиот избор во 1828 година, многу држави ги олабавиле барањата за правото на глас и драматично го прошириле гласањето. Џексон, кој бил воен херој, го претставувал отфрлањето на елитистичкото статус кво – популист што му го должел изборот на обичниот човек. Во деновите пред инаугурацијата, луѓе од целата земја се собрале во главниот град, желни да го видат својот нов претседател. Сместувањата брзо се наполниле, а посетителите спиеле и на отворено. Вашингтон станал еден голем камп. На 4 март 1829 година, Џексон положил заклетва, одржал говор и се упатил кон претседателската резиденција на она што требало да биде достоинствен прием.
Масите од луѓе тргнале по него, а она што следувало било сè освен достоинствено. Земјоделци, фармери, господа качени на коњи, момчиња, жени и деца, црни и бели, кочии, вагони сите го гонеле до Белата куќа. Несовесно набивајќи се во куќата, само да бидат во близината на новоизбраниот претседател и да му подадат рака. Забавата излегла од контрола, гостите почнале да газат по мебелот, да расфрлаат храна по тепихот, пиеле, се туркале и се бореле. Џексон излегол низ прозорец за да се спаси. Очајните членови на персоналот конечно успеале да го преместат алкохолот на тревникот за да ја растераат толпата, поштедувајќи ја зградата од понатамошни штети.

Скандалозната свадба на Гровер Кливленд
На 2 јуни 1886 година, Кливленд станал првиот и единствен претседател што се оженил во Белата куќа. И тоа навистина била голема работа: додека сватовите се подготвувале во Сината соба, толпа Американци се собрале пред резиденцијата за да ја видат својата нова прва дама Франсис Фолсом.
Таа веќе била национална сензација. Кливленд ја објавил свршувачката само пет дена порано, ставајќи крај на едногодишната тајна врска и предизвикувајќи возбуда кај нацијата. Со само 21 година, Франсис, темнокоса убавица со диплома од колеџот „Велс“, станала најмладата прва дама во историјата и една од најомилените.
Но не биле само нејзината грациозност или добар изглед она со што го разбудила интересот кај сите туку и тоа што таа претходно го нарекувала Гровер „чичко Клив“. Всушност, првата количка за бебиња на девојчето била подарок од Кливленд, кој изучувал право со таткото на Франсис, Оскар. Девојчето имало само 11 години кога Оскар загинал во сообраќајна несреќа, а во тоа време Кливленд стапил како нејзин старател. Откако ја видел како со текот на годините се претвора во извонредна млада жена, тој на крајот се заљубил во неа. Таа го прифатила предлогот за брак од Кливленд, кој бил 28 години постар од неа.
Тогаш тоа било премногу сензационално, што се однесува за претседател. Всушност, на новинарите им било забрането да присуствуваат на венчавката. Тие морале да чекаат надвор, како и многумина. Потоа тие го дополниле изгубеното време со лов на младенците на медениот месец во Мериленд, шпионирајќи ги со двоглед.

Опасното хоби на Теодор Рузвелт
Рузвелт сакал секаков вид физички напор и воени вежби и продолжил да ги извршува дури и во Белата куќа. Негов најомилен спорт бил боксот. Еднаш, додека се борел со еден млад поморски офицер во Белата куќа, му бил нанесен толку силен удар во лицето поради што останал слеп на левото око. Поминале месеци пред тој да може да собере храброст да му каже некому за тоа.

Сомнителниот доктор на Џон Ф. Кенеди
Кенеди имал страшни проблеми во грбот. Поголемиот дел од неговиот возрасен живот и целото претседателство ги поминал со болки, ниту неколкуте операции не помогнале. Тој почнал да прима инјекции од докторот Макс Џејкобсон, кој бил познат и како „доктор Филгуд“, холивудски лекар роден во Германија, чија експертиза им служела на многу славни личности во тоа време.
Д-р Џејкобсон му давал неделни, а понекогаш и дневни инјекции со амфетамин на претседателот, чиј тераписки режим во различно време вклучувал тестостерон, орални и инјектирани стероиди, апчиња за спиење, фенобарбитал и инјекции со лидокаин.
Во мај 1961 година, Кенеди остварил официјална државна посета на Отава за да се состане со канадскиот премиер и да одржи говор пред парламентот. Непосредно пред да се врати во Вашингтон, претседателот учествувал на навидум безопасната церемонија на засадување дрвја пред владиниот дом, за време на која му се влошила неговата хронична состојба. Пристигнувајќи во Вашингтон на патерици, тој веднаш ги зголемил дозите на Џејкобсон, закрепнувајќи за две недели.

Мистичниот советник на Роналд Реган
Откако Реган доживеал обид за атентат не долго по неговото претседателствување, неговата сопруга Ненси одлучила дека таквиот кошмар повеќе не смее да се повтори. Таа веднаш го претворила своето хоби за астрологија во политика на Белата куќа. Неверојатно, сите напори на астрологот Џоан Квигли биле запишувани, за да се утврди релативната безбедност на секој момент од распоредот на претседателот, од телевизиски настапи до состаноци со странски шефови на држави. Кодираните упатства на Квигли означени со боја, ефикасно ги одредувале обликот и ритамот на претседателството на Реган.