Кога се во прашање рок-музиката и рок-поезијата на која тие се темелат во екс-југословенски рамки, најголеми рок-поети се: Арсен Дедиќ, Ѓорѓе Балашевиќ, Горан Бреговиќ, Бора Ѓорѓевиќ, Момчило Бајагиќ-Бајага и Џони Штулиќ. Штулиќ, рок-текстописец, гитарист и пејач на култната група „Азра“ е плоден музичар, кој и денес, 37 години по неговиот најплоден период (1979-1982), има најсилна порака. Овој музички воркохолик за помалку од три години има 85 напишани, компонирани и снимени песни. Рекорд што ретко кој ќе може да го достигне.

Прогласуван е за генерациски предводник и политички каскадер, кој во своите песни на сиот глас го соопштуваше тоа што другите само го шепотеа. По првите успесите во кариерата, во 1981-та година изјавуваше дека не е лидер и дека не сака да биде Валенса. Сепак, следната година ладнокрвно додаде дека не е трговец туку револуционер. По извесно време, кога ги живееше моментите на најголеми успеси, ќе отиде чекор подалеку, велејќи дека е месија и спасител. Една деценија подоцна ќе го негира револуционерниот фазон, правдајќи се дека никогаш не бил на барикадите, додавајќи дека тоа било фама. На авторски и на музички план, пак, преку песните им се обраќаше на луѓето фрустрирани од тромоста и тупавоста на општеството, главно на маргиналците, каков што беше и самиот.

За мене отсекогаш беше и остана поет во кој се испреплетуваат љубовниот и револуционерниот музички жанр. Неговата најважна порака беше дека треба да мислиме со сопствената глава. Затоа и го славиме како поет и симбол на слободата, иако тој сакаше да биде запаметен првенствено како мајстор на мелодијата. Тој тоа и беше, за што ни сведочат првите четири албуми: „Азра“, „Сунчане стране улице“, „Равно до дна“ и „Филиграндски плочници“.

И сега, доколку има смисла некого да го наречеме југословенски Дилан, тоа сигурно е Штулиќ, од периодот 1979-1984 г. Тој ги донесе првите протестни песни во СФРЈ, за кои Иван Ивачковиќ ќе напише дека се исполнети со дилановска интелигенција, цинизам, песимистички тон и критика на бирократското и зачмаено општество. Во нив лесно може да се воочи и влијанието на Џим Морисон, бидејќи како него во југословенскиот рокенрол го внесува духот на слободата. Покрај песните од споменатите албуми, тоа ни го потврдуваат и збирките поезија „Филиграндски плочници“ (1982) и „Биг банг“ (1985). Кога на сето тоа ќе се додадат и песните од издадените сингл-плочи: „А, шта да радим“, „Лјепе жене пролазе кроз град“, „Позив за плес“, „Џони, буди добар“ и „Тешко вријеме“, сликата за генијалниот рок-поет е целосна. Инспиративен, актуелен, провокативен.

Сотир Костов