Џони Холидеј е најголема рок-ѕвезда и најславен рокер на Франција и земјите од француско говорно подрачје. Тој е францускиот Елвис и вистинска икона. За Франција и државите од француското говорно подрачје, Холидеј беше ѕвезда од митски размери. Човек кој, како со својата музика, така и со својот изглед, на некој начин го отелотвори сето она што Европејците ги привлекуваше во културата на САД: сексапилот, способноста за трансформација, љубовта кон брзината и авантурите, посакувањето на предизвиците и опасностите и освојувањето на слободата. Во сето тоа негови заштитни знаци беа: рапавиот глас, ангелското лице, незаборавните концертни настапи, спојувањето на неспоивите работи – блуз-балади, кантри-музика и прогресивен рок, моторите „харли дејвидсон“ и кожените панталони и јакни. Со тесните кожени панталони, во кои заводливо ги нишаше колковите, беше француска верзија на кралот на рокот Елвис Присли, а со своите мотори потсетуваше на Џејмс Дин. Сето тоа, како и незаборавните песни што ги испеа, го направија музичка икона и идол на младите од 1960-тите години па до неговото заминување од овој свет на 6 декември 2017 година. Затоа и неговите Французи го доживуваа како национален симбол.

Роден е како Жан-Филип Сме, во 1943 година во Париз. Родителите, мајка му манекенка и татко му циркуски артист, се развеле кога тој бил уште дете, а грижата за него ја презеле тетка му Елен и нејзиниот сопруг. Наместо на училиште, настапувал со музички нумери во циркусот, во паузите помеѓу точките од циркуската програма. Името Џони го добил од својот тетин, а презимето Холидеј од името на циркуската група. Во 1957 година првпат гледал филм со Елвис Присли и бил воодушевен од неговиот глас, сексапил и движењата што ги правел. Тоа е времето кога сѐ повеќе го привлекува музиката на Чак Бери и Бади Холи, кои, заедно со Елвис, се негови музички идоли.

Првата песна што ја снимил „Laisse les filles“ (1959 г.), која е и прва рок-песна во Франција, стана прв негов голем хит. Следната година го снима албумот „Hello Johnny“, компилација на американски хитови и песни во духот на тогаш популарниот твист. Оттогаш па ` до неговата смрт, кариерата на Џони во најголема мера се потпираше на препеви на хитовите од САД, на француски јазик. Највпечатливи од сите се верзиите на хитовите „Hot legs“ и „House of the Rising Sun“. Но се сеќавам дека една од моите први средби со рокенролот (на моја седум-осумгодишна возраст) е моето играње твист токму на звуците од песната „Viens danser le twist“, француска верзија на „Lets Twist Again“. Тоа беше времето на општа твистоманија, лудо играње твист, игра што ја поттикнуваше планетарната експанзија на рокенролот, за што најзаслужен беше Чаби Чекер, кој најпрвин го издаде хитот „The Twist“ (1960 г.), а потоа и „Lets Twist Again“ (1961 г.).

Инаку, за мене ѕвездени моменти на Џони Холидеј се песните: „Que Je T’aime“, сентиментална, дури потресна балада, вистинска француска шансона; „Pardonne moi“, балада посветена на љубовта и сите извинувања што ја следат; „Vivre Pour Le Meilleur“, извонредна, дури би рекол и химнична балада и уште поизвонредна изведба од Џони; „Toute la musique que j aime“, песна што неодоливо потсетува на музиката на „Иглси“ и „Криденси“, еден вид француски кантри-рок; „Blueberry Hill“, генијален блуз, дует со Селин Дион; „Me olvide de vivir“, уште еден прекрасен дует со Хулио Иглесијас; „Ma vie“, шансона, испеана во дует со Шарл Азнавур. Е, тоа веќе е класа, национална музичка класа на Франција, „Requiem Pour Un Fou“, дует со Лара Фабиан – вистински музички реквием, микс од шармот на шансоната, темпото на прогресивниот рок и драматиката на баладата, и „Quelque chose de Tennesse“, музичко ремек-дело. Глумеше и во многу филмови, од кои најпознати се: „Приказни од Париз“, „Папараци“, „Грабеж на француски“, „Криминални реки 2: ангели и апокалипсата“, „Чудовиште“, „Пинк Пантер 2“, „Засекогаш млади“, „Детектив“, „Авантура е авантура“, „Криминален шум“, во кои соработувал со актерите Жерар Депардје, Херви Кејтел, Кетрин Денев, Жан Рено и со режисерите Клод Лелуш, Робер Осеин, Жан Лик Годар, Коста Гаврас и др.

Сѐ до среќавањето на Летиција Буду, неговата последна сопруга, водеше бурен и неуреден живот. Во 1965 г. стапи во брак со Силви Вартан, со која го доби синот Давид. Имаат бурен брак, исполнет со љубов, кој го славеше целата нација, кавги, разделби и повторни почетоци одново, за дефинитивно да се разделат во 1981 г. По разделбата со Силви Вартан, Џони се жени повеќепати (Бабет Етјен, Аделин Блондио), има голем број љубовни врски, се оддава на алкохол и дрога и често запаѓа во депресија. Но сето тоа завршува во 1996 г., кога стапува во брак со Летиција, со која има две ќерки и живее мирен семеен живот.

Во својата извонредно богата, динамична и возбудлива кариера испеа околу илјада песни, кавер-изданија на хитовите од САД, но и авторски напишани и компонирани. Сними и издаде 50 студиски и 29 албуми во живо, од кои 40 се златни, 22 платинести и пет дијамантски. Бројката на продадени албуми и дискови е околу 110 милиони. Претседателот Жак Ширак го одликува со Легија на честа, француската влада издаде поштенска марка со неговиот лик, а претседателот Макрон ѝ признава на нацијата дека сите носат нешто од Џони во себе. Не греши Лени Кравиц кога вели дека душата на Џони е чист рокенрол. Затоа тие никогаш нема да ги заборават името, гласот и енергијата од реализираните концерти на Џони Холидеј. Тој е нивен последен идол. Француска легенда.

(Извадок од книгата во печатење „Обожавани музички икони“, заеднички проект на Сотир Костов, автор на текстот, и Александар Станковски, автор на портретите во комбинирана техника и колаж на музичките ѕвезди)