Главниот директор за дизајн на „Епл“, Џони Ајв, по речиси 30 години ја напушта компанијата, соопштија синоќа од „Епл“, пренесува Си-ен-ен.

Ајв ќе основа сопствена компанија за дизајн, а „Епл“ ќе биде еден од неговите главни клиенти. Тој ќе продолжи со блиската соработка на проекти за „Епл“.

Ајв беше клучен во воспоставувањето елегантниот дизајн на „Епл“. Од неговото партнерство со Стиви Џобс произлегоа извонредни серии на производи, од кои напознат е оригиналниот ајфон кој ѝ донесе огромно богатство на компанијата правејќи ја највредна компанија во светот.

За неговата успешна кариера говорат бројните награди за дизајн кои ги освои.

– Џони е единствен во светот на дизајнот и неговиот придонес за „Епл“ е непроценлив, почнувајќи од ајмек во 1998 година па сѐ до ајфонот – навел извршниот директор на „Епл“, Тим Кук.

Ајв за „Фајненшл тајмс“ изјавил дека ќе основа своја компанија во Калифорнија која ќе го носи името „Лав Форм“, која ќе биде фокусирана на дизајнирање и други креативни проекти за клиентите. Компанијата официјално ќе започне со работа во 2020 година.