Џил Бајден ќе влезе во историјата како прва дама што ќе продолжи да работи додека се наоѓа во Белата куќа. Д-р Бајден, која има две магистерски студии и докторат за образование, планира да продолжи да предава англиски јазик на колеџот во Вирџинија.
Од првите дами честопати се очекувало да ги жртвуваат своите кариери за да ги извршуваат церемонијалните задачи. Но Бајден уште од почетокот најави дека ќе ја продолжи својата кариера како професорка на колеџ, без оглед дали нејзиниот сопруг е избран за претседател. Таа веќе го прекрши калапот со одржување на својата кариера додека тој беше потпретседател.
Во периодот помеѓу 1993 и 2017 година, сите први дами имаа напредни дипломи. Мишел Обама и Хилари Клинтон се адвокатки, а Лора Буш е магистерка по библиотекарство. Но никоја од нив не ја задржа кариерата додека беше во Белата куќа. Со одлуката на Џил Бајден да ја задржи својата работа како професорка со полно работно време, таа ќе има можност да ја модернизира улогата на прва дама во 21 век.