Годината во која го одбележува својот 25-годишен јубилеј, продукцијата „Авалон“, по серијата успешни концерти, ќе ја заокружи со фестивалот „Ол ју нид ис лав“, кој ќе се одржи на 23 декември. Главен гостин ќе биде големата балканска ѕвезда Џибони.
Овој пат познатиот кантавтор ќе се сретне со скопската публика во СРЦ „Борис Трајковски“, каде што ќе ги отпее своите познати хитови. Тој е познат по своите одлични концерти во Скопје, каде што, како што вели, секогаш со задоволство доаѓа, не само заради публиката, која со него хорски ги пее познатите рефрени, туку и поради големиот број пријатели, меѓу кои, секако, е и нашиот најпознат гитарист Влатко Стефановски.

Другите изведувачи што ќе настапат на фестивалот ќе бидат познати в понеделник, а влезниците ќе бидат пуштени во продажба од среда, по цени од 700 до 2.000 денари.