Џејмс Камерон објави дека снимањето на „Аватар 2“ е завршено и покрај паузата од четири и пол месеци поради пандемијата на ковид-19, пренесува „Дејли мејл“. На очекуваното продолжение на епскиот научно-фантастичен филм „Аватар“ од 2009 година се работи една деценија.

И сега, покрај тоа што работата беше запрена како резултат на пандемијата на ковид-19 и датумите за премиено објавување на филмот беа пролонгирани осум пати, се појави веста од режисерот Џејмс Камерон дека снимањето е „100 отсто завршено“  .

Ова вест Камерон ја соопшти за време на видео разговорот со Арнолд Шварценегер, кога ја кажа и веста за третиот дел од франшизата, „Аватар 3“ што истовремено се снима во Нов Зеланд.

Зборувајќи со Шварценегер пред започнувањето на конференцијата на „Светскиот самит за животна средина 2020“ што ќе се одржи во Австрија, Камерон најпрво се осврна на влијанието што го имаше пандемијата врз процесот на снимање кој започнал во август 2017 година во Калифорнија.

– Изгубивме околу четири и пол месеци работа. Како резултат на тоа го поместивме датумот на премиерата за уште околу цела година, за во декември 2022 година – рече Камерон.

Токму тогаш 66-годишниот Камерон, легендарниот писател и режисер, објави дека снимањето на „Аватар 2“ е комплетно завршено, а за „Аватар 3“ е готово 95 отсто.