Вечерва, во 20 часот, во Камерната сала на Македонската филхармонија, џез-вокалистот Џон Илија Апелгрен и џез-пијанистот Гордан Спасовски ќе приредат интимен, тивок перформанс насловен „Полноќни разговори“.

Џон Илија Апелгрен се смета за еден од најдобрите џез-вокалисти во регионот, кој зад себе има многубројни настапи како солист и со разновидни оркестри и ансамбли, студиски албуми и настапи на фестивали и концерти надвор од земјава. Неговиот придонес за развојот на вокалната џез-сцена во Македонија е несомнено голем.

Гордан Спасовски, пак, е пијанист од помладата генерација џез-музичари во Македонија, кој во водите на џезот влегува под менторство на проф. Илија Пејовски и своето образование го продолжува на џез-одделот на Универзитетот за музика и сценски уметности во Грац, Австрија, каде што дипломира со најголеми успеси. Спасовски зад себе има голем број настапи на европските џез-фестивали и соработки со значајни џез-имиња.