„Дојдете на 13 април, во 12 часот, на врвот на Водно за да дишете чист македонски џез“, поканува познатиот македонски музичар Петар Ренџов.

Тој постојано наоѓа волшебни места за промоција на своите носачи на звук. Така, првиот „Сонот на невестата“, беше промовиран на Матка, а вториот „Темјаника“ на плоштадот пред црквата „Света Богородица“, во центарот на Скопје. Еве, сега, звуците на неговиот последен албум „Џезилка“, со кој одбележува 40 години музичка кариера, ќе прозвучат и од врвот на Водно. Негови гости ќе бидат членовите на бендот со кој неуморно настапува во Скопје и низ земјава, „Тумбао салса бенд“.

Всушност, концертот на Петар Ренџов ќе биде прв на овој јавен простор, кој по реновирањето на планинарскиот дом „Даре Џамбаз“ и треба да прерасне во спортско-рекреативен, но и културен центар, кој ќе го користат граѓаните на Скопје и туристите што ја посетуваат нашата метропола.

Наскоро на истото место ќе бидат одбележани и 22 години постоење на лајонс-клубот „Скопје“ и 60 години од формирањето на планинарскиот спортски клуб „Бистра“.